Радиолошките технолози учат факултет за ништо, бидејќи на платите не им се гледа

Институт за радиологија / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Вработени на Институтот за радиологија, кои по цели денови снимаат пациенти на магнетна резонанца, компјутерска томографија, мамографија, ангиографија, ЕХО, снимања на белите дробови со сложени дијагнози и за пациенти од сите клиники – не добиваат признавање на нивното образование и платата им е пониска отколку што би требало да им биде, дознава „Слободен печат“ од свои извори во Институтот. Дел од нив планираат да го тужат Институтот поради тоа што не им ги признава звањата и не им ја покачуваат платата.

Имено, станува збор за дипломирани радиолошки технолози кои во текот на изминатите години се доусовршиле и се стекнале со 240 кредити и звање „специјалист радиолошки технолог по магнетна резонанца и компјутерска томографија“.

Доусовршувањето на некои од нив, според нашите информации, би требало да им донесе покачување на платите од 4.500 денари, ама деновиве им биле давани решенија со старото звање „радиолошки технолог“ и тоа со старите плати, односно без покачување.

Кога почнале да прашуваат зошто звањата не им се признаени, Институтот почнал да ги повлекува решенијата и да им вели дури и на тие што ги подигнале да ги вратат. „Слободен печат“ се обрати на Институтот за радиологија со прашања зошто платите на овие вработени не им се усогласуваат со нивното образование, но до објавувањето на овој текст одговори не пристигнаа.

Радиолошките технолози за да дополагаат предмети и да добијат звање „специјалист радиолошки технолог по магнетна резонанца и компјутерска томографија“ од свој џеб платиле околу 1.500 евра за доусовршувањето, кое сега не само што не може да го валоризираат преку решението за ангажман во Институтот, туку им претставува и проблем бидејќи се чувствуваат деградирани.

– На други клиники не е вака. Имам колешка на друга клиника во Клинички центар која кога ја зеде дипломата веднаш и автоматски платата ѝ беше покачена согласно звањето кое ѝ беше признаено. Ние работиме дежурства од 24 часа, изложени сме на постојано јонизирачко зрачење. Ваквиот начин на наше деградирање, а голем број од нас се со завршени специјализации и со дополагани предмети, претставува дополнителен удар и непризнавање на нашиот труд и улогата која ја имаме во здравствениот систем, изјави за „Слободен печат“ вработен на Институтот чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата.

Тој додава дека наместо овие медицински кадри да добиваат бенефициран стаж, зрачен додаток и почит, добиваат изигрување од системот.

– Се водиме со старото звање, со старите примања, а инфлацијата коси. Ако јас не снимам магнет, компјутерска томографија, рендген на глава, крвавења во абдоменот од тешки сообраќајки кои се слеваат кај нас од Ургентен центар и од другите клиники, дали лекувањето на пациентите би можело да се изведе? Не знам зошто вака се однесуваат кон радиолошките технолози. Неделите не ни се платени, а докторите за еден викенд дежурство земаат 200 евра и се тепаат да дежураат, додава тој.

Државниот завод за ревизија неодамна објави извештај во кој пишува дека иако е зголемен бројот на апарати за магнетна резонанца од 2017 до 2022 година, бројот на прегледи не се зголемил. Во 2017 година имало седум апарати, а во 2022 година бројот на апарати се удвоил.

Ревизорот констатираше и дека годишно во земјата има околу 2.800 услуги по апарат што е под просекот на европските држави во кои има од четири до девет илјади снимања годишно по апарат.

– Знаете, радиолог не може да создадете преку ноќ и еден месец, тое се специјализации кои траат подолго, но затоа целта на овој процес кој ние како министерство веќе го водиме и мислам дека за кратко време ќе имаме и конкретен резултат и ќе бидете известени како ќе постапиме понатаму. Дека има пропусти и злоупотреби има, јас прв кажав дека здравството е во тешка состојба, но вие сте сведоци и целата јавност и сите пациенти дека ние ја дисперзиравме целата апаратура низ целата држава, рече тогашниот министер Фатмир Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот