Стоматолог Илија Караманов: Парцијални протези – што треба да знаете?

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Недостатокот на повеќе заби во една или повеќе регии во усната шуплина, неретко може да се надомести само со парцијални протези. Во случаите кога распонот на беззабиот простор е многу голем, кога недостасуваат дисталните заби едно до друго, кога пародонталниот статус на преостанатите заби не дозволува никакви други оптоварувања, а следствено на тоа и решенија, изборот за санирање на беззабите дефекти паѓа исклучиво на парцијалните протези.

Самите парцијални протези, од своја страна, исто така, бараат свои услови за изработка, пред сѐ, од просторен аспект. Распоредот на беззабите простори, искривеноста и состојбата на преостанатите заби, нивниот паралелитет или поточно диспаралелитет, и тоа како ја условуваат изработката на протезата и нејзиниот квалитет. Истите тие фактори, донекаде го условуваат и изборот за тоа каков тип на парцијална протеза ќе биде изработен.

Постојат неколку видови на парцијални протези. Најосновниот тип е класична парцијална протеза, целата изработена од акрилатна пластика. Главен недостаток кај овие протези е што најчесто го препокриваат целото тврдо непце (кога станува збор за протеза во горната вилица), генерално се погломазни и содржат жичани, рачно виткани куки, кои имаат линеарен контакт со забите. Ретинирањето (прицврстувањето) на овие протези е оскудно. Многу познати и популарни се т.н. визил протези. Станува збор за скелетирани протези, каде што телото е излиено од благородни легури. Нивната површина е редуцирана, полесно прифатливи се за пациентите, а нивните куки се исто така лиени и имаат површински контакт со забите, кој овозможува поголема ретенција. Заради цврстината на металот, дозволена е максимално редуцирана површина, со што се обезбедува минимално покривање на вкусовите папили. Пациентот не го чувствува до таа мера присуството на туѓо тело во устата. Постојат скелетирани визил протези што се изработуваат софтверски, со помош на CNC-машини, од чист титаниум. Нивната основна предност е тежината на целата протеза имајќи предвид дека титаниумот е најлесен метал.

Како едно од достигнувањата на денталната технологија е парцијална протеза, исто така софтверски изработена, но од специјален флексибилен вид пластика. Со тие протези се обезбедува и поголема естетика, затоа што материјалот од кој се изработува е во боја на природните заби. Нејзината флексибилност ја прави протеза со најголема ретенција од сите видови парцијални протези.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот