Стинг во центарот на судски скандал: Им исплатил 800.000 долари на членовите на „Полис“, но тие бараат многу повеќе
Стинг им исплатил повеќе од половина милион фунти на своите поранешни колеги од бендот „Полис“ (The Police), Енди Самерс и Стјуарт Копланд, откако признал дека со години им биле исплаќани намалени авторски хонорари, покажуваат судските документи од Лондон.
Препорачано
Во тужбата поднесена до Високиот суд во Лондон, адвокатите на музичарот наведуваат дека Самерс и Копланд добиле исплата „повеќе од 800.000 долари“ (595.000 фунти), откако минатата година започнаа судска постапка.
Тие го тужеле Стинг и неговата издавачка компанија во септември, тврдејќи дека им должат меѓу 2 и 10,75 милиони долари авторски хонорари за големите хитови како „Roxanne“ и „Every Breath You Take“. На рочиштето во средата, нивните адвокати изјавија дека побарувањето може да надмине 8 милиони фунти, пренесува „Би-би-си“.
Иако Стинг е потпишан како автор на повеќето песни на „Полис“, Самерс и Копланд тврдат дека уште во 1977 година постоел „усен договор“ за делење на приходите, кој подоцна бил формализиран и со писмени договори.
Според тој договор, иако Стинг бил главен композитор, другите двајца членови често имале клучен придонес.
Поради тоа, тројцата се договориле секогаш кога некој од нив ќе добие издавачки приход од песна што ја напишал, да подели дел од парите, најчесто околу 15 отсто со останатите двајца членови. Тоа било познато како хонорар за аранжман.

Спор околу приходите од стриминг
Самерс и Копланд тврдат дека Стинг задржал дел од тие исплати за себе, особено кога станува збор за приходите од дигиталните платформи.
Познато е дека односите меѓу членовите на бендот со години се затегнати, и покрај повторното обединување на турнејата во 2008 година. Затоа не е изненадување што ниту еден од нив не се појавил на почетокот на дводневното прелиминарно рочиште во средата.
Адвокатите на Самерс и Копланд бараат дозвола од судот да изнесат нови аргументи според кои им следуваат пари од сите преземања и стриминг приходи, согласно договорите од 1997 и 2016 година.
Тврдат дека тие договори мора да се толкуваат во контекст на промените во музичката индустрија, каде што стримингот во голема мера ја заменил продажбата на винили, ЦД-а и касети.
Во судските документи е признаена и неодамнешната исплата од Стинг и неговата издавачка компанија во износ од 870.000 долари (647.000 фунти), но се наведува дека на неисплатените пари не е пресметана камата.
Адвокатите на музичарите изјавија дека вкупната вредност на нивното побарување е „не помала од 8 милиони фунти“ и дека ќе биде „значително поголема“ доколку им се дозволи измена на тужбата.
Од друга страна, адвокатите на Стинг тврдат дека тој не е обврзан да им исплаќа хонорари кога музиката на „Полис“ се слуша на платформи како Спотифај, бидејќи тоа се смета за „јавна изведба“, а не продажба.
Тие додаваат дека Самерс и Копланд немаат право на приходи од стриминг и дигитална продажба, бидејќи договорот од 2016 година предвидува исплата само од „физичко производство на носачи на звук“. Според нив, обидот за измена на тужбата треба да се отфрли бидејќи „нема реални шанси за успех“.
Рочиштето пред судијата Брајт треба да заврши денес, а главното судење се очекува подоцна.

Подем, распад и повторни разделби
„Полис“се формирани во 1977 година и брзо станаа еден од најуспешните британски бендови. Нивната мешавина од рок гитари и реге ритми донесе хитови како „Message in a Bottle“, „Walking on the Moon“ и „Every Little Thing She Does Is Magic“.
Со песната „Every Breath You Take“ од албумот „Synchronicity“ (1983) го освоија врвот на американските топ-листи. Подоцна таа беше прогласена за најемитувана песна на радио на сите времиња и беше семплирана во хитот „I’ll Be Missing You“ од 1997 година, во изведба на „P Diddy“ и „Faith Evans“.
Бендот се распадна во 1984 година поради лични и музички несогласувања. Копланд подоцна изјави за „Гардијан“ дека за време на снимањето на „Synchronicity“ имало и физички пресметки меѓу членовите.
Повторно се обединија во 2007 година на доделувањето на Греми наградите, а потоа тргнаа на светска турнеја, во чии рамки на 24 јуни 2008 година настапија и на Ушќе во Белград. Картите за британскиот дел од турнејата беа распродадени за само 30 минути, но по последниот концерт, повторно се разделија.
Во 2022 година, Стинг ги продаде правата на својот авторски каталог на „Universal Music Group“, вклучувајќи ги и соло-хитовите и песните што ги напиша за „Полис“. Се проценува дека договорот вредел околу 200 милиони долари.
Поранешните членови на бендот „Полис“ го тужат Стинг: Бараат надомест од милиони долари


