Роб Рајнер со сопругата Мишел и нивниот син Ник / Фото: Profimedia

Според „Пипл“, Роб Рајнер и неговата сопруга биле убиени од нивниот син Ник – полицијата вели: „Истрагата е во тек“

Американскиот режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел беа пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес, а детективи од Лос Анџелес водат истрага за убиство.

Како што објави списанието „Пипл“ повикувајќи се на извори блиски до семејството, за смртта на двојката е осомничен нивниот син Ник. Полицијата засега не ја потврдува оваа информација. Потврдено е само дека Ник е жив, дека е на распит заедно со повеќе други луѓе и дека досега никој не е уапсен.

Во неделата околу 15.30 часот, противпожарната служба на Лос Анџелес била повикана во куќата за да укаже медицинска помош. По пристигнувањето, биле пронајдени телата на 78-годишниот Рајнер и неговата 68-годишна сопруга.

„Со длабока тага ја објавуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Нашите срца се скршени поради овој ненадеен губиток и молиме за приватност во овој исклучително тежок период“, изјави портпаролот на семејството.

Семејството на Роб Рајнер / Фото: Michael loccisano / Getty images / Profimedia

Рајнер зад себе остави богата и разновидна кариера, започната како актер во култната телевизиска серија „Сѐ во семејството“ (All in the Family), каде што девет сезони го толкуваше ликот на Мајкл „Митхед“ Стивик. За таа улога освои две награди Еми за најдобра споредна машка улога во комедија, во 1974 и 1978 година.

Како режисер, Рајнер се вбројува меѓу најзначајните автори на 80-тите и 90-тите години. Неговиот режисерски пробив дојде со музичката сатира „Ова е ‘Спинал тап’“ (This Is Spinal Tap, 1984), импровизирана лажна документарна приказна за хеви-метал бенд, која подоцна доби култен статус. Неговиот последен филм беше продолжението „’Спинал тап’ 2: Крајот продолжува“ (Spinal Tap II: The End Continues).

Во наредната деценија следуваа низа големи хитови и омилени филмови кај публиката, меѓу кои „Остани покрај мене“ (Stand By Me, 1986), „Принцезата невеста“ (The Princess Bride, 1987) ,„Кога Хари ја запозна Сали“ (When Harry Met Sally…, 1989), „Неколку добри луѓе“ (A Few Good Men, 1992) итн.

Од 1987 година, Рајнер беше и продуцент на повеќето свои филмови и соосновач на продукциската куќа „Касл рок ентертејмент“, која стои зад низа успешни остварувања како „Во линија на оган“ (In the Line of Fire), „Потребни нешта“ (Needful Things) и „Злоба“ (Malice).

Роб Рајнер со актерот Кери Елвес за време на снимањето на филмот „Принцезата невеста“ / Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Иако во подоцнежните години неговите режисерски проекти поретко доживуваа комерцијален успех, меѓу нив се издвојуваат „Листата со желби“ (The Bucket List, 2007), „Духовите на Мисисипи“ (Ghosts of Mississippi, 1996), „Ел-би-џеј“ (LBJ, 2016) и „Шок и страв“ (Shock and Awe, 2017). Во 2023 година го режираше документарецот „Алберт Брукс: одбрана на мојот живот“ (Albert Brooks: Defending My Life).

Рајнер беше познат и како истакнат прогресивен глас во Холивуд, отворен поддржувач на Демократската партија и гласен критичар на Доналд Трамп. Активно учествуваше во политички и општествени иницијативи, особено во борбата за граѓански права и против тутунската индустрија.

Роден е на 6 март 1947 година во Бронкс, Њујорк, како син на легендарниот комичар и автор Карл Рајнер. Студирал на Филмската школа при Универзитетот во Калифорнија и уште рано започнал со мали улоги во телевизиски серии, пред да стане едно од најпрепознатливите имиња на американската филмска сцена.

Зад себе ги остави децата Џејк, Ник и Роми, како и посвоената ќерка Трејси Рајнер, актерка и ќерка од првиот брак со покојната актерка и режисерка Пени Маршал.

Да потсетиме, Ник Рајнер пред неколку години јавно зборуваше за својата борба со зависноста од дрога. Во интервју за „Пипл“ во 2016 година, тој откри дека зависноста започнала во раните тинејџерски години и дека од 15-годишна возраст неколкупати бил на лекување. Како што раскажа тогаш, поради ескалацијата на зависноста и оддалечувањето од семејството, извесен период живеел и на улица. До 2016 година, сепак, се вратил дома и изјавил дека повторно е блиску до семејството и дека живее во Лос Анџелес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот