Совет на безбедност на ОН: Русија се судри со Германија за случајот Навални

Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Русија се судри со Германија и петте нејзини западни сојузнички на седницата на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) за случајот со труење на рускиот опозициски активист Алексеј Навални.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензиа побара докази за користење на нервниот отров Новичок против критичарот на Кремљ, додека германскиот амбасадор Кристоф Хојсген рече дека наодите се предадени на Меѓународната агенција за забрана на хемиско оружје.

Конфликтот меѓу Русија и Германија се одвиваше на месечната седница на СБ на ОН на која присуствуваа и амбасадорите на САД, на Белгија, на Велика Британија, на Естонија и на Франција, кои изразија загриженост за тврдењето на Берлин дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил жртва на напад со хемиско оружје.

Амбасадорот на Велика Британија, Џонатан Ален, потсети дека сличен нервен отров бил користен на југот на Англија во 2018 година против рускиот шпион Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка. Тој посочи дека неговата земја ги поддржува откритијата на Берлин за труење на Навални и ја повика Русија да спроведе сеопфатна и транспарентна истрага во врска со овој случај и да ја поддржи Конвенцијата за хемиско оружје.

Американскиот заменик-амбасадор во ОН го осуди труењето на Навални и ја повика Русија да ги изведе одговорните за инцидентот пред лицето на правдата.

Небензиа рече дека Русија е најзаинтересирана да открие што се случило со Навални. Тој потенцира дека за време на лекувањето во Сибир, руските доктори не откриле присуство на отров. Затоа побара Берлин да ги сподели доказите, по што Хојсген истакна дека тие ќе бидат предадени на Организацијата за забрана на хемиско оружје. Тој уште ја обвини Русија дека се обидува да го сврти вниманието од инцидентот и оти тоа не е прашање меѓу Германија и Русија, туку прашање на „меѓународна загриженост”.

Рускиот претставник рече дека ако Берлин не ги сподели доказите, Москва ќе смета дека Германија одбива да соработува и тоа „дефинитивно ќе ги наруши руск-германските односи и меѓународните односи во целина”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот