Случајот „Навални“ одложи француско-руски министерски состанок

Фото: aa.com.tr

Официјален Париз објави дека го одложува состанокот на министрите за надворешни работи и за одбрана на Франција и на Русија што беше закажан за 14 септември во Париз, поради напнатоста поврзана со труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални.

– Со оглед на сегашните околности и по размената со руските власти, беше одлучено да се одложи состанокот на француско-рускиот совет за соработка во врска со безбедносните прашања за подоцнежен датум, изјави портпаролот на француското Министерство за надворешни работи, Ањес фон дер Мил.

Претходниот состанок „2 + 2″ (надворешни работи и одбрана) меѓу Жан-Ив ле Дријан, Флоранс Парли, Сергеј Лавров и Сергеј Чојгу во септември во 2019 година во Москва го започна „стратешкиот дијалог” побаран од францускиот претседател Емануел Макрон. Шефот на француската држава, оценувајќи дека Русија гледа премногу кон Кина, тогаш вложи напори за ова приближување со цел да се обиде да внесе клима на попуштање во Европа и да го реши украинскиот конфликт, со новата студена војна со Москва во позадина.

Наведениот дијалог, според признание на францускиот министер за вооружените сили, Флоранс Парли, засега не дава „опипливи резултати”. Предвидената посета на претседателот Макрон на Москва во наредните недели може да биде доведена во прашање и поради случајот Навални.

– Сè е можно, забележува француски дипломатски извор за париските медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот