Словенечката влада, се чини, немаше избор: Седум од 12 региони од полноќ во карантин

Фото: EPA-EFE/IGOR KUPLJENIK

Во Словенија од утре се воведува карантин во седум од 12 региони, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, одлучи Владата во Љубљана. Уредбата за забрана за собирање на повеќе од 10 лица на јавни или приватни места во централна Словенија, во Горењска, во Корошка, во Засавје, во Посавје, во Савинска и во југоисточниот дел на Словенија ќе стапи во сила на полноќ, пренесува агенцијата СТА.

Таквата мерка е воведена за овие региони затоа што во изминатите две недели, просечно се бележат 140 позитивни лица на ковид-19 на 100.000 жители.

Во Словенија денеска уште 745 заразени, едно починато лице

Министерот за внатрешни работи, Алеш Хојс на денешната прес-конференција рече дека жителите на овие региони за време на карантинот нема да смеат да преминуваат од едни во други, со одредени исклучоци како што се одење на работа или поради работа, одење на лекар или аптека, давање помош на роднини.

Хојс додаде дека ќе бидат дозволени посети на гробишта и на погреби, а ќе биде дозволен и транзит низ регионите. Исто така во тие региони е задолжително носење маска и надвор, не само во затворен простор, освен за деца до шест години.

Во регионите погодени од карантин, има 117 од 212 општини, како и градови како што се Љубљана, Крањ и Цеље, додека Марибор и Копер не се опфатени со одлуката. Хојс додаде дека уредбата за границите засега нема да се менува.

Во Словенија во последните 24 часа потврдени се 745 новозаразени од коронавирус, а едно лице почина, соопшти денеска словенечката влада.

Како што јави агенцијата Хина, вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата се зголеми на 10.683, а моментално се активни 4.818 случаи, соопшти министерството за здравство.

Бројот на новозаразени денеска втор пат по ред е поголем од 700, откако вчерашниот рекорд изнесува 707, а се зголемува и бројот на хоспитализирани пациенти.

Во болниците, според последните податоци, има 221 лице од кои 40 се на одделенијата на интензивна нега, а со вчера починатите бројот на жртви се искачи на 176.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот