Скандал во САД: ФБИ ги фалсификувал сведочењата на гимнастичарките кои се жртви на сексуално насилство

Сослушувањето во Сенатот беше организирано за да се истражи работата на ФБИ, и на него зборуваше и Симон Бајлс/ фото: EPA-EFE/SAUL LOEB

Најдобрата гимнастичарка на светот, Американката Симон Бајлс се најде во центарот на вниманието на светската јавност за време на Олимписките игри во Токио, но не поради нејзините изведби туку поради откажувањето на настапот во неколку дисциплини.

Причина за откажувањето беа психичките проблеми предизвикани од сексуалното злоставување кое наводно го направил лекарот на репрезентацијата, Лери Насар.
Повеќе од 40 поранешни и актуелни гимнастичарки и репрезентативки на САД изјавија дека биле злоставувани од Насар поради што се крева голема прашина во јавноста, а сослушувањето во сенатот на САД покажа дека станува збор за голем скандал во кој се вмешани и државни службеници.

Сослушувањето беше организирано за да се истражи работата на Федералното Истражно Биро (ФБИ) поради серијата грешки во истрагата, а Симон Бајлс беше многу прецизна во своите изјави.

– Го обвинувам Лери и го обвинувам целиот систем кој овозможи тој да ме злоставува. Доколку му дозволите на предатор да им наштети на деца, последиците ќе бидат брзи и тешки. Што е доста, доста е – рече Бајлс.

Проблемот лежи во податокот дека ФБИ уште во 2015 година бил запознат со обвинувањата против Лери Насер, но како што наведуваат светските новински агенции, не му пристапил на случајот со „најголема сериозност“.

На јавноста и се обрати и директорот на ФБИ, Кристофер Реј кој откри дека го отпуштил агентот кој не го истражил случајот на вистински начин, а подоцна и давал лажни изјави.
Покрај Симон Бајлс, на сослушувањето во Сенатот се појавија и Мекејла Марони, Ели Рајсман и Меги Николс.

Марони која со репрезентацијата на САД освои златен медал во повеќебој на Игрите во Лондон 2012 година, плати висока цена за успехот. Таа открила дека една вечер помислила дека ќе умре кога ја нападнал Насар, а исто така истакна дека е лута на локалната канцеларија на ФБИ.

– Не само што не го истражија случајот туку федералните агенти направија извештај дури 17 месеци подоцна и дале лажни изјави за тоа што јас сум го зборувала. Со фалсификување на сведоштвата, овие агенти направија криминал – порача Марони.

Поранешниот лекар на репрезентацијата Лери Насар го призна сексуалното злоставување на гимнастичарките и до крајот на животот ќе биде зад решетки. Тој е осуден на казна во траење од 40 до 175 години за злоставување над гимнастичарките, како и затворска казна од 60 години поради детска порнографија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот