Сив бизнис од милиони: Станови се издаваат, данок не се плаќа

Според агенциите за недвижности и нивните анализи на пазарот, во Скопје моментално се нудат повеќе од 2.000 станови за краткорочно издавање, додека на ниво на цела држава бројката се проценува меѓу 6.000 и 9.000 објекти.

Стан за двајца во центар на Скопје – 60 до 70 евра за ноќ, ноќевање со појадок во затворен комплекс во Скопје – 80 евра за вечер, апартман во Охрид за Први мај – 200 евра за три дена. Ова се само дел од понудите кои во моментов може да се најдат на електронските платформи како Ер-би-ен-би, Букинг и Трипадвајзер. Станови за краток престој има за пониска цена во Аеродром, Карпош или Козле, кои се издаваат по педесетина евра од ноќ. Апартмани пак за „краток престој“ од два до четири часа се нудат и за 30 евра. Пазарот на краткорочно издавање станови во Македонија бележи брз раст, но паралелно со тоа се продлабочува и проблемот со нерегистрираните издавачи. Илјадници станови што се нудат на платформите функционираат делумно или целосно надвор од системот, без да се плаќа данок и туристичка такса. Има и такви кои ги плаќаат давачките кон платформите за издавање, но не плаќаат данок на Управата за јавни приходи.

Расте пазарот, се зголемува сивата економија

Според агенциите за недвижности и нивните анализи на пазарот, во Скопје моментално се нудат повеќе од 2.000 станови за краткорочно издавање, додека на ниво на цела држава бројката се проценува меѓу 6.000 и 9.000 објекти. Најголема концентрација, покрај главниот град, има во Охрид како водечка туристичка дестинација, но не е мал бројот на станови што се издаваат во Маврово, Крушево и Струга.
Сепак, најзагрижувачки е фактот што значителен дел од овие издавачи не се регистрирани. Проценките покажуваат дека меѓу 30 и 60 проценти од огласите се во „сива зона“, односно не пријавуваат приходи или не плаќаат соодветни давачки кон државата. Во туристичките центри, овој процент е уште повисок.

-Причините за ваквата состојба се повеќеслојни. Недостатокот на ефикасна контрола, можноста за плаќање надвор од платформите, како и отсуството на автоматска размена на податоци меѓу платформите и институциите, создаваат простор за избегнување на обврските. Дополнително, дел од издавачите сметаат дека процедурите за регистрација се сложени, а давачките високи – велат од агенциите за недвижности.

Експертите предупредуваат дека државата на овој начин губи значителни приходи, не само од персонален данок, туку и од туристичка такса и други давачки. Иако нема официјални бројки, проценките се дека станува збор за милионски износи на годишно ниво.

Расте бројот на измами за резервации преку „Букинг“

Ако не пријавуваат сами, ќе пријави Букинг

Решенија постојат и веќе се применуваат во повеќе европски земји. Едно од нив е воведување обврска платформите како Ер-би-ен-би и Букинг автоматски да доставуваат податоци за издавачите до даночните власти. Друг модел е задржување на данокот директно при резервација, со што се намалува можноста за злоупотреби.
Дополнително, се предлага воспоставување централен регистар на издавачи со задолжителна лиценца, како и засилени инспекциски контроли преку вкрстување на податоци од различни институции. Поедноставувањето на постапката за регистрација и воведувањето паушален данок, исто така, се гледаат како начин за мотивирање на граѓаните да влезат во легалните текови.
Во меѓувреме Управата за јавни приходи донесе План за подобрување на усогласеноста – Неформална економија 2026 – 2027, како стратешки документ кој произлегува од современиот концепт на управување со ризиците на усогласеност.
Целта е да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници и да се поттикне доброволна и трајна усогласеност со законските обврски.
Планот претставува континуитет на активностите што УЈП ги спроведуваше во текот на 2025 година за сузбивање на неформалната економија, со дополнително унапредување и проширување на пристапот.

– Дополнителен фокус се става на краткорочното туристичко сместување, вклучително и активностите што се одвиваат преку дигитални платформи, како сегмент што сè повеќе добива економско значење, но истовремено носи и специфични ризици за непријавени приходи. Планот предвидува засилување на превентивните и информативните активности, со акцент на вмрежување и координација со други институции на национално и локално ниво. Целта е даночните обврзници сеопфатно да бидат информирани за своите обврски, права и придобивки од формалното работење – стои во Планот на УЈП.

За краток престој ќе се издаваат само регистрирани апартмани

Советодавната поддршка и насочување кон доброволно усогласување остануваат клучен елемент на пристапот, со цел даночните обврзници да го прифатат и одржат законски усогласеното однесување на долг рок, наместо усогласеноста да биде само принуден резултат на санкции.

– Во делот на контролите ќе се имплементираат мерки за зголемување на ефикасноста и ефективноста, не само преку подобрена селекција на субјектите врз основа на анализа на ризик, туку и со унапредена методологија за контрола и примена на индиректни методи за процена на неевидентираниот промет. Целта на овој план е трансформирање на неформалните активности во таргетираните дејности во формални и законски усогласени. Успешноста на планираните мерки ќе се цени преку конкретни индикатори, пред сè преку растот на пријавениот промет кај даночните обврзници во таргетираните дејности – стои во соопштението на УЈП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот