Што значи ако чорапите ви оставаат траги на нозете и кога треба да се грижите
Трагите што ги оставаат чорапите на глуждовите и долниот дел од нозете по носењето цел ден се честа појава. Повеќето луѓе не обрнуваат многу внимание на нив, но овие навидум безопасни вдлабнатини можат да дадат увид во вашата здравствена состојба. Иако линиите на чорапите обично не се причина за загриженост, вреди да се обрне внимание на нив, особено ако се придружени со други симптоми, пишува „Хафингтон пост“.
Препорачано
Вообичаени и често безопасни причини
Ако забележите вдлабнатини на нозете откако ќе ги соблечете чорапите, нема причина за паника, рекла д-р Кетрин Тетер, васкуларен хирург во медицинскиот центар при Универзитетот Хакенсак.
– Тоа е доста честа појава, особено кај оние што го поминуваат поголемиот дел од денот на нозе или седат долго, при што нозете се во спуштена положба – додала таа.
Д-р Бринта Васагар, доктор по семејна медицина, се согласува со тоа.
– Повеќето од нас имаат седечка работа или стојат цел ден. Крвта потоа природно се акумулира во нозете – напоменала таа.
Но, ако не седите или стоите цел ден, трагите би можеле да укажуваат на едноставен проблем – можеби чорапите ви се премногу тесни.
– Друга честа причина може да биде дехидрацијата – истакнала Васагар.
Кога сте дехидрирани, течноста може да се наталожи во ткивото, предизвикувајќи оток на нозете и последователно доведувајќи до траги од чорапите. Сличен ефект, според зборовите на д-р Тетер, може да има и солен оброк, кој, покрај отокувањето на прстите, може да предизвика и отекување на нозете.
Кога да се обратите кај лекар
Иако трагите од чорапи се безопасни за повеќето луѓе, тие можат да станат проблем ако се придружени со други симптоми. Еден од нив е отекувањето на нозете, без оглед на тоа дали носите чорапи. Ако се случи ова, треба да го известите вашиот лекар.
Истото важи и ако забележите зголемена пигментација на кожата во близина на глуждовите, големи проширени вени или чувство на тежина, болка и замор во нозете по стоењето што се намалува со подигнување на нозете, додала Тетер. Ова може да бидат знаци на проблеми со вените.
– Овие проблеми обично не се опасни. Меѓутоа, вените ги лекуваме кога тие предизвикуваат кај пациентите значајни симптоми – објаснила таа.
Асиметрија и влошување како предупредувачки знак
Ако забележите дека трагите од чорапи се појавуваат само на едната нога или се значително поизразени на едната страна, треба да посетите лекар, советува Васагар.
– Нашето тело се стреми кон рамнотежа и симетрија. Кога едната страна е различна од другата, тоа обично е знак дека нешто не е во ред – додала таа.
Во посериозни случаи, трагите од чорапи што се влошуваат со текот на времето понекогаш може да бидат знак на болести на бубрезите или затајување на срцето.
– Кај тие состојби, ќе забележите дека работите постепено се влошуваат – рекла Васагар.
Вдлабнатините во чорапите може да станат подлабоки или да им треба подолго време да исчезнат како што минуваат неделите и месеците. Кај затајувањето на срцето, додала таа, се појавуваат и други симптоми.
– Луѓето чувствуваат недостаток на воздух и тешко им е да спијат во целосно рамна положба. Постојат и други придружни појави. Промените секогаш се сигнал дека треба да се обратите кај лекар – заклучила таа.
Не мора да е проблем со циркулацијата
Многу луѓе при погледот на трагите од чорапи веднаш помислуваат на проблеми со циркулацијата, но тоа најчесто не е случај, тврди Тетер. Згрутчувањата на крвта генерално не се појавуваат без никакви симптоми.
Лице со згрутчување на крвта обично би имало значителен оток на нозете или листовите, болка и потенцијално црвенило, објаснила Тетер.
– А тоа се работи што треба да ве поттикнат да посетите лекар и потенцијално да направите ултразвук.
Избор на чорапи и практични решенија
Според д-р Тетер, најдобри чорапи се оние во кои се чувствувате најудобно. За луѓето кои стојат цел ден, добар избор можат да бидат компресивните чорапи, кои се цврсти и спречуваат таложење на течност во нозете.
– На пример, јас сум доктор и носам компресивни чорапи повеќето денови од неделата затоа што стојам со часови во оперативната сала. Иако мојата циркулација е сосема нормална, стапалата и глуждовите се малку потешки и поизморени на крајот од долг ден кога ги носам – го споделила своето искуство.
Компресивните чорапи се паметен избор за оние што долго седат.
– Исто како и кога патувате со авион, советуваме: „Ќе седите долго време, носете компресивни чорапи“, па затоа ќе помогне и станувањето и одењето на секои неколку часа. Истите стратегии се корисни и ако седите многу на работа – напоменала Васагар.
Како да ја намалите појавата на трагите
Ако нема здравствени проблеми зад вдлабнатините во чорапите, постојат неколку работи што можете да ги направите за да го намалите нивната појава. Ова вклучува кревање на нозете, носење компресивни чорапи, како и редовно вежбање и урамнотежена исхрана, советува Васагар.
Ако ги испробате овие совети, а трагите не исчезнат и по вадењето на чорапите, „можеби е време да го посетите вашиот матичен лекар и да се прегледате за да бидете сигурни дека не се случува ништо посериозно“, рекла Васагар.
– Тоа не значи дека автоматски заклучуваме: О, Боже, тоа е затајување на срцето“, но добро е да ги проверите сите други можни причини и да се уверите дека не е нешто посериозно.


