EPA/ROBERT HEGEDUS HUNGARY OUT

Што може Маѓар да научи од Туск?

Со својата прва официјална посета на Варшава, Петер Маѓар сака да ги поправи нарушените односи меѓу Унгарија и Полска. Од премиерот Доналд Туск може да (на)учи колку е тешка пресметката со илиберален режим.

Откако Петер Маѓар со неговата партија Почитување и слобода (Тиса) на 12 април 2026 година победи на парламентарните избори во Унгарија, воодушевувањето меѓу либералите во Полска беше големо.

„Добре дојде назад во Европа“, порача тогаш полскиот премиер Доналд Туск на социјалните мрежи, со видео снимено за време на неговата посета на Јужна Кореја, на кое телефонски разговара со изборниот победник Маѓар.

– Мислам дека сум дури и посреќен од тебе – рече тогаш Туск.

Десет дена по положувањето свечената заклетва на премиерската функција, на 9 мај 2026 година, Маѓар тргна на своето прво патување во странство – токму во Полска, како што вети во предизборната кампања, „кај нашите природни сојузници“, како што Полјаците ги нарече уште минатата година.

Полска и Унгарија низ историјата главно биле блиски сојузници. За време на владеењето на десно-националните влади на партиите Право и правда (ПиС, 2015–2023) и Фидес (2010–2026), Варшава и Будимпешта со години формираа илиберален блок критички настроен кон ЕУ. Но, сојузот беше оптоварен со проруските ставови на долгогодишниот унгарски премиер Виктор Орбан, кои полската десница никогаш целосно не ги прифати, особено по почетокот на војната во Украина.

Кон крајот на 2023 година, со доаѓањето на проевропската влада од левиот центар предводена од Туск во Полска, односите паднаа на најниско ниво.

— Меѓу нас сè е јасно: за сè мислиме различно — изјави Туск во октомври 2025 година, додавајќи дека на Орбан не му одговараат демократијата и транспарентниот правен систем.

Нарушени односи и обнова на довербата

Дополнителни тензии предизвика одлуката на Орбановата Унгарија по изборната победа на Туск да им додели политички азил на поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и на неговиот заменик Марчин Романовски, по кои во Полска се трага поради сомневање за корупција. Новиот унгарски премиер сега сака да ги обнови односите и да се претстави како доверлив, проевропски партнер.

Посетата на Маѓар на Полска е „симболичен гест“ на новата унгарска влада, изјави државниот секретар во полското Министерство за надворешни работи Марчин Босацки:

— За нас е важно новата унгарска влада со ваков силен симболичен потег да покаже колку ѝ е важно пријателството со Полска.

Социологот Едит Згут-Пжбилска нагласува дека очекувањата од двете страни се големи.

– Довербата, која беше уништена со проруските и изразито антиевропски политики на поранешната унгарска влада, мора повторно да се изгради – вели таа.

Програмата на Маѓар во Полска вклучува посети на Краков, Варшава и Гдањск. Унгарскиот премиер ќе се сретне со Доналд Туск, претседателот Карол Навроцки и поранешниот претседател и легенда на синдикатот Солидарност, Лех Валеса.

Патувањето може да му помогне на Маѓар и во планот по 16 години владеење на Орбан да ја врати Унгарија на проевропски курс и да обезбеди одблокирање на замрзнатите средства од фондовите на ЕУ. Во тоа советите на Туск би можеле да бидат клучни: полскиот премиер по својата изборна победа обезбеди „одмрзнување“ на 137 милијарди евра европски средства.

Полските политичари очекуваат и приближување на ставовите на двете земји околу помошта за Украина. Полска има и сопствени финансиски интереси, бидејќи владата на Орбан ја блокираше исплатата на речиси две милијарди злоти (околу 470 милиони евра) од ЕУ фондовите за воена опрема што Полска ја испорача на Украина во 2022 и 2023 година. Босацки таа одлука ја нарече „срамна“.

По прашања како миграциската политика или климатските мерки, Маѓар и Туск веројатно брзо ќе најдат заеднички јазик. Полскиот премиер, некогаш либерал, во последните години делумно ги „коригираше“ своите ставови надесно.

Нов живот за Вишеградската група?

Маѓар повеќепати повика на оживување на Вишеградската група (Полска, Унгарија, Чешка и Словачка), која последниве години практично беше парализирана од конфликтите меѓу Орбан и Туск. На почетокот од мај словачкиот премиер Роберт Фицо објави фотографија со Туск и чешкиот премиер Андреј Бабиш со порака: „Тројцата мускетари го чекаат четвртиот и враќањето на В4.“

Но аналитичари како Мартин Вокалек, директор на бриселскиот тинк-тенк Еуропеум, во разговор за „Дoјче веле“ (ДВ) предупредуваат дека за тоа треба повеќе од едно селфи. Тој очекува попрагматична форма на соработка, во која четирите земји ќе ги координираат ставовите за поединечни прашања, додека Полска сè повеќе ќе се приближува кон Германија и Франција.

Иако Полска, благодарение на силната економија, настапува како регионална сила, Маѓар во Варшава нема причина за комплекс на инфериорност. За разлика од Туск, кој води сложена коалиција, унгарскиот премиер располага со стабилно парламентарно мнозинство.

Маѓар им вети на гласачите пресметка со корупцијата на старата елита околу Орбан и Фидес. Во Туск има партнер кој даде слични ветувања, но не ги исполни целосно. Полскиот дневен весник Газета Виборжа предупредува дека бавната борба против корупцијата води до разочарување кај гласачите.

Сепак, почетниот „подарок“ кој би бил особено важен за полските власти – екстрадицијата на бараните политичари – Маѓар не може да им го понуди на своите домаќини. Зиобро и Романовски ја напуштиле Унгарија пред неговата инаугурација, веројатно со помош на стариот режим. Зјобро во меѓувреме се јави од Соединетите Американски Држави, порачувајќи дека оттаму ќе ја продолжи својата политичка борба против владата на Туск.

Извор: DW / Автори: Јацек Лепјарц | Ференц Гал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот