Шкупи ја прифати оставката на тренерот Гоце Седлоски

Работнички е новиот тренерски предизвик на Гоце Седлоски/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Денеска екипата на Шкупи во својот трет натпревар од новата сезона во Првата македонска лига на домашен терен ремизираше 1:1 со прилепска Победа. По тој меч тренерот на Шкупи Гоце Седлоски поднесе оставка која истата подоцна ја прифати клубот од Чаир.

– ФК Шкупи соопштува дека ја прифати оставката на селекторот Гоце Седлоски. Нашиот клуб му се заблагодарува за придонесот што после 21 година успеавме да бидеме прогласени за шампион, и му посакуваме многу среќа во следните предизвици – се вели во краткото соопштение на ФК Шкупи.

Минатата сезона Седлоски успеа со Шкупи да ја освои титулата во шампионатот, со што се обезбеди настап во квалификациите за Лигата на шампионите. А европската авантура добро започна со победа од 3:0 дома против Линколн Ред Импс. На реваншот во Гибралтар со доста мака ја одбранија предноста со пораз од 2:0, но барем се обезбедија уште најмалку шест натпревари на меѓународната сцена.

Во второто квалификациско коло на ЛШ, Шкупи извлече одличен резултат (2:2) на првиот дуел на „Максимир“ против Динамо Загреб (хрватскиот првак подоцна се пласираше во групите на ЛШ). Во тој момент се кренаа уште повеќе амбициите со надежи дека повторно може нашата земја да има претставник во групна фаза во едно од УЕФА клупските натпреварувања.

Но, од тој реванш во Скопје против „модрите“ се редеа само порази, резултатите не беа добри за Седлоски и неговите играчи. Издржаа во првото полувреме (0:0), но на стартот од вториот дел им пресуди нашиот репрезентативец Аријан Адеми за триумф од 0:1.

Следуваа дуели со ирскиот Шамрок роверс во третото квалификациско коло на Лига Европа со два порази (1:2, 1:3), а последната шанса за европска есен ја имаа во двомечот од плеј-офот за Лигата на конференции. Пред тие натпревари со косовскиот Балкани владееше оптимизам во редовите на Шкупи дека може да се направи историја, но тоа не се случи. Нови два порази (1:2, 0:1), а навивачите на Шкупи веќе го изразуваа незадоволството поради неуспехот на стручниот штаб и тимот.

Во домашното првенство сезонава добро се започна со две победи над Македонија ЃП (2:1) и Скопје (0:2), но после ремито со Победа, тренерот Седлоски одлучи да ја напушти клупата на ФК Шкупи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот