Шест потенцијални здравствени ризици од прекумерна употреба на чиа семки
Иако чиа семките се богати со хранливи материи и често се сметаат за „суперхрана“, нивното прекумерно консумирање може да предизвика низа несакани ефекти. Како што наведува „Хелт“ (Health), можните компликации вклучуваат проблеми со варењето, ризик од гушење, интеракции со лекови и други здравствени ризици.
Препорачано
1. Проблеми со варењето
Две лажици чиа семки содржат околу 30–40 отсто од препорачаната дневна доза на растителни влакна. Иако влакната се важни за дигестивното здравје, нивниот вишок може да доведе до надуеност, болки во стомакот, гасови, запек или дијареја.
Доколку сакате да го зголемите внесот на влакна, тоа правете постепено и со доволна хидратација.
2. Ризик од гушење
Јадењето суви чиа семки може да биде опасно, бидејќи тие впиваат течност и значително се зголемуваат. Ако се консумираат суви и потоа се испијат со вода, можат да набабрат во хранопроводот и да предизвикаат гушење, особено кај лица со проблеми при голтање.
3. Намалена апсорпција на хранливи материи
Чиа семките содржат растворливи влакна и фитинска киселина, кои можат да ја отежнат апсорпцијата на минерали како калциум, железо и цинк. Гелот што се создава во дигестивниот систем може да го попречи апсорбирањето на хранливите материи.
4. Интеракции со лекови
Високата содржина на влакна може да влијае на апсорпцијата на одредени лекови, особено оние за дијабетес и висок крвен притисок, со што може да се намали нивната ефикасност.
5. Проблеми со бубрезите
Чиа семките се богати со калиум и фосфор – минерали кои лицата со заболувања на бубрезите треба да ги ограничат. Исто така, поради високата содржина на оксалати, тие можат да го зголемат ризикот од појава на бубрежни камења, особено кај луѓе кои веќе имале ваков проблем.
Комбинирањето со извори на калциум, како јогурт, може да помогне во намалување на овој ризик.
6. Алергиски реакции
Иако ретки, алергиски реакции се можни. Чиа семките содржат протеини слични на оние во сусамот и лешниците, па лица со алергија на овие намирници може да развијат реакција. Симптомите можат да вклучуваат чешање, осип, оток на лицето, вртоглавица и отежнато дишење.


