Шенген ги налути Балканците, Германците останаа без ќебапчиња
Построгите правила на Европската Унија за влез во шенгенскиот простор доведоа до нарушувања во снабдувањето со стоки во Германија, а една од неочекуваните последици е и недостигот на ќебапчиња. Причината се протестите на возачите на камиони од земјите од Западен Балкан, кои со блокади на границите го изразија своето незадоволство од новите прописи, пишува германскиот регионален портал wa.de.
Препорачано
Последици од блокадите на границите
Блокадата, која започна на 26 јануари, предизвика долги колони камиони и го забави товарниот сообраќај, иако патничкиот сообраќај во најголем дел се одвива непречено.
Превозничките компании од Балканот предупредуваат дека новите правила сериозно им го отежнуваат работењето во меѓународниот транспорт, а последиците веќе се чувствуваат во Германија, особено во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија.
Големи германски компании кои увезуваат стоки од Балканот се соочуваат со намалени испораки.
Една од погодените компании е Hanex GmbH од Падерборн, каде што потврдија дека поради застојот на границите веќе дошло до недостиг на ќебапчиња и други балкански производи популарни во Германија. Во компанијата се надеваат на брза нормализација на снабдувањето, што зависи од целосен прекин на блокадите.
Барања на возачите и одговорот на ЕУ
Возачите на камиони бараат измена на својот статус за во Европската Унија да не бидат третирани како туристи, туку како професионалци. Клучното барање е изземање од правилото кое го ограничува престојот во шенгенскиот простор на најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Европската комисија го призна постоењето на проблемот и претстави решение. Според предлогот, возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеи, би добиле посебен статус кој би им овозможил продолжен престој во Шенген.
Најавено е дека одлуката би можела да биде усвоена во текот на оваа година.
Постепен прекин на протестите
Предлогот на Европската комисија ги поттикна возачите на камиони од Црна Гора и Македонија вчера да ги прекинат блокадите. Нивните колеги од Србија и Босна и Херцеговина првично одлучија да продолжат со протестот, но и српските превозници денеска објавија дека ја прекинуваат блокадата на граничните премини.
И покрај тоа, се очекува недостигот на ќебапчиња и други производи да продолжи сè додека синџирите на снабдување целосно не се нормализираат.


