Фото: Креирана илустрација

Се затвори историско поглавје во хрватското новинарство, згасна неделникот „Глобус“

Хрватскиот новинар Ненад Чаклиќ вели дека во периодот пред интернетот неделници како „Глобус“ и „Национал“ биле клучен извор на информации и професионален модел бидејќи во 1990-те се печателе на новинска хартија и во формат на дневни весници, како и тогашниот „Истарски глас“ што излегувал во Истра.

Вчера излезе последниот број на списанието „Глобус“. Одлуката за престанок на излегувањето е донесена по темелна анализа на пазарот и деловните околности, со настојување долгорочно да се обезбеди квалитетна содржина и одржлив начин на издавање, соопшти издавачката куќа Ханза Медиа.

„Глобус“, како политички неделник, по примерот на „Обсервер“, во 1990 година го покрена група поранешни новинари од „Вјесник“, меѓу кои за неговото профилирање најзначајни беа сосопственикот Нинослав Павиќ, првиот главен уредник Денис Кулјиш и главниот редактор Марко Грчиќ, пишува „Истарски“.

Во основачката група беа и Ратко Бошковиќ, Ненад Полимац, Рене Бакаловиќ и Владимир Томиќ. Сосопственик, покрај Павиќ, беше и претприемачот Здравко Јурак. Во 1991 година со сатирична колумна се приклучи новинарката Тања Торбарина, која до 2018 година беше постојана колумнистка.

— Имав чест, заедно со мојата долгогодишна соработничка, а денес и животна сопатничка Елеонора Матковиќ Чакиќ, во еден период од мојата новинарска кариера да бидам соработник на „Глобус“. По згаснувањето на неделникот „Истарски глас“, кој излегуваше од 1997 до 2002 година и во кој бевме сосопственици и уредници, нè повика тогашниот уредник на „Глобус“, Давор Бутковиќ, и нè праша дали би пишувале за нив, што, секако, со задоволство го прифативме — раскажува новинарот Ненад Чаклиќ.

„Ал Џезира Балканс“ престана со работа, во 12 часот емитувани последните вести

За „Глобус“ работевме две години, вели тој, сè додека повторно не покренавме сопствен издавачки проект. Тој период, додава, ќе го паметиме по неколку големи стории, репортажи и интервјуа што ги реализиравме за тогаш, заедно со „Национал“ на Пуканиќ, највлијателниот медиум во Хрватска.

— На „Глобус“ му дадовме неколку големи текстови, но „Глобус“ нам ни даде многу повеќе, сè што дотогаш не знаевме за медиумите и за новинарството го научивме од екипата што тогаш работеше во тој неделник. Со главниот уредник Бутковиќ комунициравме помалку, а тој подоцна и премина во „Јутарњи лист“. Нов главен уредник на „Глобус“ стана Игор Алборгети, со кого дотогаш, како заменик-уредник, најмногу соработувавме. Покрај него, „шефови“ во различни периоди ни беа и Дубравко Гракалиќ и Владо Вурушиќ. Од сите тројца научивме навистина многу — се сеќава тој.

Во времињата пред интернетот, неделници како „Глобус“ и „Национал“ беа главен извор на информирање, а и за нас, вели Чаклиќ, уште додека го уредувавме „Истарски глас“, во сè беа пример — од графичкиот изглед до начинот на опремување на текстовите.

За потсетување, хрватските „Глобус“ и „Национал“ во 1990-те немаа изглед на списание каков што имаат денес, туку се печатеа на новинска хартија и во формат на дневни весници.

Така изгледаше и „Истарски глас“, неделник кој пет години излегуваше на подрачјето на Истра.

— Згаснувањето на „Глобус“ не е само крај на еден медиумски проект, туку и симболично затворање на едно важно поглавје од хрватското новинарство. За многу новинари, уредници и читатели „Глобус“ беше школа, ориентациска точка и мерило на професионалните стандарди во времиња кога новинарството се создаваше трпеливо, темелно и со јасна уредничка одговорност. Сè што подоцна сум работел во медиумите, во голема мера го носи печатот на тоа искуство и затоа „Глобус“, без оглед на престанокот на излегувањето, ќе остане трајно присутен во мојата професионална биографија — вели Чаклиќ.

Згаснува еден од најстарите весници во светот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот