фото: EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Сè потсетува на Мундијалот во Јужна Африка: го има ли Шпанија повторно клучот за светската титула?

Франција изгледаше моќно против Мароко, и избори место во полуфиналето. „Триколорите“ уште од почетокот изгледаа моќно, создаваа шанси и постојано се закануваа кон голот на Јасин Боно, додека Мароко не успеваше да ја префрли играта на противничката половина.

Сега е редот на Шпанија, третиот најголем фаворит за освојување на Мундијалот, по Франција и Аргентина. На спектакуларниот „СоФи“ стадион во Лос Анџелес, „црвената фурија“ вечерва ќе се соочи со Белгија.

Двете репрезентации влегуваат во четвртфиналето без пораз во групната фаза и во одличен ритам. Белгија ја елиминираше репрезентацијата на САД во осминафиналето, додека пак Шпанија преку голот на Микел Мерино ја надмина Португалија.

Во многу делови од Шпанија се верува дека пласманот во полуфиналето е речиси сигурен. Но, не и таму кај што е најважно, во таборот на репрезентацијата. Селекторот на „фуријата“ Луис де ла Фуенте често се повикува на филозофијата на римскиот император Трајан, која се темели на максимална почит кон секој противник.
Токму поради тоа, во шпанскиот табор никој не ја потценува Белгија.

Белгија не е ни репрезентација за потценување. „Црвените ѓаволи“ имаат квалитетни играчи во сите линии и досега на Мундијалот покажаа дека се репрезентација која игра до последниот свиреж. Најголемата пречка за Шпанија ќе биде Тибо Куртоа, најдобриот голман во светот, кој добро ги познава Шпанците против кои долги години игра во Ла лига.

Еден од најважните адути на Белгија ќе биде играчот од средината на теренот, Јури Тилеманс. Ако репрезентацијата на Руди Гарсија сака да направи изненадување вечерва, токму Тилеманс ќе треба да биде подобар во неговата битка против Педри и Родри во срцето на теренот. Доколку Белгија успее да воспостави контрола во средниот ред, а тоа го успеале малку репрезентации, Шарл де Кетеларе, Жереми Доку и Леандро Тросар ќе треба максимално да го искористат просторот.

Од друга страна Шпанците се потпираат на Микел Ојарзабал, кој веќе постигна четири гола на Мундијалот и ѕвездата на Барселона Ламин Јамал кој сè уште не влезе во ритам по повредата од која се опорави непосредно пред Мундијалот.

Пред натпреварот важен фактор се и кадровските проблеми. Белгија ќе биде значително ослабена во средниот ред бидејќи Амаду Онана нема да може да настапи поради повреда. Под знак прашалник е и настапот на дефанзивецот Зено Дебаст, што дополнително може да ја наруши стабилноста на белгиската одбрана, која досега прими пет гола на шампионатот.

За разлика од својот противник, Шпанија нема поголеми проблеми со повреди и во четвртфиналето влегува со комплетен состав.

Белгија и Шпанија ќе настапат во следниве состави:


Овој натпревар неизбежно буди сеќавања на четвртфиналето од пред 40 години, кога Белгија ја елиминирала Шпанија по изведување пенали. Но, тоа е далечно минато за сегашната генерација. Највозрасниот во овој состав на Шпанија, Борха Иглесијас, тогаш сè уште не бил ни роден. За овие фудбалери, промашениот пенал на Елој е само историска приказна.

Дежа ву од 2010

Патот на „црвената фурија“ на овој Мундијал носи изненадувачки паралели со шампионската приказна од Јужна Африка во 2010 година.

И овојпат Шпанија настапуваше во групата Х, а Мундијалот го отвори со изненадување, тогаш беше поразена од Швајцарија, а сега ремизираше со Зеленортските Острови. Следуваше убедлива победа во вториот натпревар и во 2010 и сега, а потоа дуел против селекција предводена од Марсело Биелса – во 2010 година тоа беше Чиле, а сега Уругвај.

Во осминафиналето повторно ја елиминираше Португалија со идентични 1-0. Пред 16 години поради повреда теренот го напушти Пепе, а сега истата судбина го снајде Нуно Мендеш. Покрај тоа, и тогаш и сега Шпанија на Светското првенство пристигна како актуелен европски шампион.

Интересно е што сличностите не завршуваат тука. Во сезоната пред Мундијалот во Јужна Африка, Реал Мадрид остана без трофеј, Барселона ја освои Ла Лига, Атлетико Мадрид го загуби финалето на Кралскиот куп, а Хетафе обезбеди место во европските натпреварувања – идентичен расплет каков што се случи и оваа сезона.

Дали сите овие случувања се само случајност или најава за нова светска титула на Шпанија, ќе стане јасно во деновите што следуваат.

Јамал: Сите знаат кој е Меси, но никој не очекуваше дека ќе игра на толку високо ниво

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот