СДСМ во контранапад: Дали Ковачки оддавал и воени тајни и бил шпион против државата?

Ковачки документ за Ковачевски/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Откако уште еднаш, 8 ден по ред пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Драган Ковачки напаѓа за „дезертерството“ на премиерот Димитар Ковачевски од учество во воениот конфликт во 2001 година, СДСМ излезе со реакција на изнесените ставови на пратеникот.

-Поранешниот полковник, Ковачки дезертираше од Армијата, армискиот чин го смени за партиски, за да му служи на Христијан Мицкоски како пратеник. Ковачки има дисциплинска, се заканувал на претпоставените во Армијата. Затоа Мицкоски го одбра Ковачки кој треба да каже дали оддавал и воени и тајни и бил шпион против државата? Во ВМРО-ДПНМЕ ништо не се менува. Тоа е криминална партија и со ништо не може да направи дефокус од тоа, реагираат од СДСМ.

Ковачки пак побара одговорност од премиерот за тоа што не учествувал во одбраната на земјата.

-Македонија се наоѓа во тешка криза, а дека со Ковачевски ќе продолжи да тоне и дека истиот нема ниту способност ниту интерес да работи во интерес на граѓаните, доказ е дека тој лажел пред надлежните институции и избегал тогаш кога бил најпотребен. Во нормална држава досега премиерот дезертер ќе беше повикан на одговорност и од своите сопартијци за да потврди дали лажел дека е трајно неспособен или пак навистина е трајно неспособен, рече денеска Ковачки и побара судот да му го одземе безбедносниот сертификат на премиерот.

-Нејасно е како на Ковачевски се’ уште не му е покрената постапка за утврдување на деловната способност од страна на Судот во вонпарнична постапка според членовите 34,35,36 и 37, како и поведување на постапка за издавање, односно одземање на безбедносниот сертификат за пристап до државни тајни којшто според член 38 од ЗКИ и член 4 точка 11 и 13 од Уредбата за безбедност на лица корисници на класифицирани информации не може да се издаде на лица кои НЕМААТ деловна способност и имаат здравствени проблеми, рече Ковачки.

Случајот кој осми ден го води Ковачки против Ковачевски за СДСМ е само обид за дефокусирање на јавноста откако Мицкоски и директорите во јавните претпријатија во Град Скопје беа „фатени со рачињата во медот“ од страна на градоначалничката Арсовска.

-Со ниту една лага и злоупотреба дезертерот Драган Ковачки не може да направи дефокус од криминалите на ВМРО ДПМНЕ. Мицкоски молчи 10 дена за сомнителен тендер од 136 милиони евра ама затоа Ковачки штанца невистини, децидни се од владејачката партија.

 

 

 

Видео на денот