САД од Окинава ќе ги чуваат и Јапонија и Тајван

Окинава, Јапонија/ Фото: Pietro Scòzzari / Alamy / Alamy / Profimedia

Заменуваме артилериски регимент со нова единица што ќе биде поубиствена, поагилна и со поголем капацитет. Тоа ќе го засили ефектот на одвраќање во регионот и ќе ни овозможи поефикасно да ги браниме Јапонија и нејзиниот народ, изјави секретарот за одбрана Лојд Остин

Засилувањето на американските сили во базата на Окинава, најголемото зајакнување на одбраната на Јапонија по Втората светска војна, како и создавањето здружени марински единици се насочени за одвраќање на Кина, која со години ги надградува своите воени капацитети во пацифичкиот регион на Азија.

На островите Окинава, кoи до 1972 година беше под американска администрација и каде што САД ја имаат својата најголема воена база на спротивниот брег на Пацификот, ќе биде распоредена сосема нова единица од Маринскиот корпус, со модерни системи за разузнавање и извидување, како и со зајакнати капацитети за одбрана при напад од море.

– Заменуваме артилериски регимент со нова единица што ќе биде поубиствена, поагилна и со поголем капацитет. Тоа ќе го засили ефектот на одвраќање во регионот и ќе ни овозможи поефикасно да ги браниме Јапонија и нејзиниот народ – изјави секретарот за одбрана Лојд Остин.

Офицери од Пентагон истакнаа дека новата единица маринци на Окинава ќе биде способна и да ја брани Јапонија и брзо да реагира на вонредни ситуации. Засиленото присуство на САД во базата може да ја поколеба Кина во плановите за насилно присоединување на Тајван. Јонагуни, најужниот остров од префектурата Окинава, е оддалечен стотина километри од брегот на Тајван.

На Окинава се концентрирани 70 отсто од американските сили во Јапонија. Во базата има дваесетина воени инсталации и повеќе од 25.000 американски војници. Одлуката за зајакнување и за надградување на карактерот на базата била донесена откако анализа на податоци од симулирани воени игри покажала дека Јапонија, а особено Окинава, би имала критична улога при евентуален воен конфликт со Кина. Слично надградување лани веќе беше спроведено и во воената база на Хаваи.

САД и Јапонија, исто така, објавија дека зацврстувањето на одбранбената соработка опфаќа и одговор на евентуални напади од вселената. Ова е насочено против значителниот развој на вселенската програма на Кина и надградувањето на хиперсоничните проектили. Вашингтон и Токио објавија дека Членот 5 од Спогодбата за одбрана од 1951 година се однесува и на напади од вселената, како и во киберпросторот.

– Работиме на продлабочување на нашата соработка во секоја сфера, копното, морето, небото, но и вселената и киберпросторот. Вселенската компонента е важна за безбедноста и просперитетот на нашиот сојуз. Се согласивме дека нападите од вселената претставуваат јасен предизвик и потврдуваме дека напад од ваква природа може да води до активирање на Членот 5 од јапонско-американската спогодба за безбедност – изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

Двете земји најавија и нови заеднички маневри во води околу најјужните јапонски острови, кои се близу и до брегот на Кина и до Тајван. САД ќе ѝ достават на Јапонија беспилотни летала „Ем-кју-9 рипер“ за надгледување на морска територија во Источно Кинеско Море.

Токио неодамна го објави новиот план за национална безбедност, кој се толкува како најголемо воено зајакнување на Јапонија по Втората светска војна. Буџетот за одбрана е двојно зголемен.

Кина засега воздржано одговара на ваквиот развој на настаните.

– Американско-јапонската воена соработка не смее да биде насочена против интересите на која било трета земја ниту смее да ги поткопа мирот и стабилноста во регионот – објави претставник на кинеското Министерство за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот