Русија го убила Навални со отров од жаби, тврдат пет европски земји
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил убиен со отров развиен од отровна жаба што живее на Еквадор „стрелечка жаба“ , соопшти британското Министерство за надворешни работи. Две години откако Навални почина во сибирската казнена колонија, Велика Британија и нејзините сојузници го обвинија Кремљ по анализата на примероци од материјал пронајден на неговото тело.
Препорачано
Не постои невино објаснување зошто токсинот, наречен епибатидин, е пронајден во примероци земени од телото на Навални, соопшти британското министерство.
– Епибатидинот може да се најде природно во стрелестите жаби во дивината на Јужна Америка. Жабите во заробеништво не го произведуваат овој токсин и тој не се јавува природно во Русија – се вели во него.
-Откако Јулија Навални ја објави загубата на својот сопруг тука во Минхен пред две години, Велика Британија со жестока решителност ја бара вистината за смртта на Алексеј Навални. Денес, заедно со неговата вдовица, Велика Британија фрла светлина врз варварскиот заговор на Кремљ да го замолчи неговиот глас – изјави британската министерка за надворешни работи Ивет Купер на Минхенската безбедносна конференција.
Јулија Навални: Путин е убиец, тој мора да биде повикан на одговорност
-Научници од пет европски земји утврдија дека мојот сопруг, Алексеј Навални, бил отруен со епибатидин – невротоксин, еден од најсмртоносните отрови на земјата. Во природата, овој отров може да се најде на кожата на еквадорската жаба со стрела. Предизвикува парализа, респираторен застој и болна смрт – рече Јулија Навални како одговор на соопштението на британското министерство.
Таа, исто така, нагласи дека од првиот ден била сигурна дека нејзиниот сопруг бил отруен, но дека сега има докази за тоа.
-Путин го уби Алексеј со хемиско оружје. Владимир Путин е убиец. Тој мора да биде повикан на одговорност за сите свои злосторства – нагласи Јулија Навални.
Таа посочи дека е благодарна на европските земји за она што таа го нарече педантна работа што ја завршиле во текот на изминатите две години и за откривањето на вистината.
Според неа, „само руската влада имала средства, мотив и можност да го употреби овој смртоносен отров против Алексеј Навални за време на неговиот затвор во Русија“.
Купер, која се сретна со вдовицата на Навални, Јулија, на конференција во Минхен, нагласи дека „Русија го гледала Навални како закана“.
Навални е убиен, Русија е виновна вели Маријана Кацарова експерт за човекови права на ОН
Организацијата за забрана на хемиско оружје била информирана за сè
Истрагата за смртта на Навални ја спроведе Велика Британија, заедно со Шведска, Франција, Холандија и Германија.
Велика Британија го пријавила труењето во Организацијата за забрана на хемиско оружје, наведувајќи дека Русија „флагрантно ја прекршила“ Конвенцијата за хемиско оружје.
Веста доаѓа само неколку дена пред втората годишнина од смртта на Навални и додека официјални лица и експерти за безбедност се состануваат на Минхенската безбедносна конференција за да разговараат, меѓу другото, за заканата што Русија продолжува да ја претставува за Европа, објавува Гардијан.
Алексеј Навални – активист против корупцијата и најгласен лидер на опозицијата во Русија – почина ненадејно во затвор на 16 февруари 2024 година, на 47-годишна возраст.
Претходно беше отруен со нервниот агент „Новичок“ во 2020 година. Беше лекуван во Германија, а по враќањето во Русија беше уапсен на аеродромот.


