Род Стјуарт ги продаде правата за своите песни за 100 милиони долари

Фото: Принтскрин - Инстаграм

Британскиот музичар Род Стјуарт ги продаде издавачките правата и целиот каталог со неговите песни за речиси 100 милиони американски долари, објави „Волстрит џурнал“.

Компанијата „Iconic Artists Group“ за споменатата сума ги купила правата на каталогот на Стјуарт, како и одредени права за користење на неговиот лик и име.

Ова е втора голема продажба на права во светот на поп и рок музиката за помалку од една недела. Имено, „Сони“ (Sony) од наследниците на Мајкл Џексон купи половина од правата на неговите изданија и песни, чија вредност „Њујорк Тајмс“ ја процени на 1,2 милијарди американски долари. Според музичкиот магазин „Билборд“, „Сони“ платил најмалку 600 милиони долари за половина од правата.

Пазарот за музички права е исклучително активен во последниве години, па легендарните музичари како Боб Дилан, Брус Спрингстин и Нил Јанг ги уновчија своите каталози на песни.

Инвеститорите веруваат дека нивната инвестиција ќе се исплати повеќекратно во ера кога услугите за стриминг музика цветаат, имајќи предвид дека носителите на правата заработуваат пари од секое емитување на песни, продажба на албуми, употреба на музика за промотивни цели или во филмови и серии, што е пропишано со законите за авторски права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот