РЕПОРТАЖА: Сент Мориц, гратче со патентирано име и лого

Фото-Фејсбук

Сент Мориц е првото гратче во светот што одлучи да го патентира и да го заштити своето име и лого.

На прв поглед и накратко, Сент Мориц може да се опише со една реченица: зимска варијанта на Монте Карло. Сличности има многу, од луксузните бутици до скапите автомобили, од чистината и сјајот на улиците до рестораните со „бели чаршафи“, од средновечните госпоѓи со бунди и скап накит до затворените клубови во кои честопати бундите се фрлаат на подот, од казината до коњските трки на кои парадираат расните коњи. Покривот на светот, како што го нарекуваат самите жители овој град, е најлегендарната дестинација за зимски туризам, во која дури повеќе од 60 отсто од гостите не застануваат на скии. И тука дефинитивно важи девизата „слава заради слава“.

Фото-Фејсбук

Поради својата совршена поставеност на швајцарските Алпи, Сент Мориц има 322 сончеви дена во годината, температура до околу минус 15 степени во зима и небо што сјае со неверојатна бистрина. Неговата асоцијација со Олимпијадата се должи на тоа што дури двапати бил домаќин на овие игри, но и на три светски натпревари во скијање. Првата организирана Олимпијада се случува токму во Сент Мориц, а и првата Олимпијада по војната повторно се случува во Сент Мориц, како единственото место во светот што може да ги „издржи“ Олимписките игри во најтешките економски денови. Освен по ски-натпреварите, Сент Мориц е познат и по поло и крикет на мраз, но и како прво алпско место со голф терен. Интересно е што ова е прво место во светот што одлучи да го патентира и да го заштити своето име и лого.

Фото – Фејсбук

Легендата вели вака: во 1864 година, извесниот хотелиер Јоханес Барду на облог им понудил на четворица англиски летни туристи да се вратат во Сент Мориц зиме, и ако не им се допадне, тој ќе им ги покрие сметките за престој. Но, ако бидат задоволни, да им раскажат за ова гратче на сите пријатели назад во нивната земја и повторно да дојдат тука. Така Англичаните се вратиле во Сент Мориц за Божиќ, а останале дури до Велигден. Четворицата Англичани се првите зимски туристи во ова место на Алпите, а Сент Мориц од тогаш започнува да ги развива туристичкиот и хотелиерскиот бизнис, од кои денес многу добро живее.

За љубителите на скијачките спортови местото нуди скијалишта распоредени над самиот Сент Мориц, кои се одлично поврзани со градот. До патеките на популарната област Корвиља, со вкупна должина од околу 80 километри, се стигнува со две гондоли, 12 жичници, два воза и 7 скилифта. Највисокиот врв Пиз Наир е на 3.057 метри и тој е познат и по најстрмниот старт во историјата во дисциплината машки спуст на кој уште на првиот свијок се постигнува брзина од 135 километри на час.

Ресторанот на бачилото под самиот врв нуди прекрасен видик на околните планински врвови, пространата белина и контрастното синило на небото без ниедно облаче. Сепак, најголем дел скијачи се сконцентрирани на висина од 2.500 метри, каде што се наоѓаат и популарните кафулиња со лежалки и шанкови „истурени“ под силното сонце. Кремите за сончање се еднакво неопходни како да сте на плажа, а жичниците располагаат со автоматско спуштање и кревање на заштитната преграда, која штити од евентуалниот ветар, но и од сонцето. Областа Корвач е попогодна за авантуристите што сакаат да скијаат на глечер, а во областа Оберенгадин може да се ужива во ноќното скијање. Традиционално, наназад со години, секој петок на врвот Корвач има ноќна забава на скијачката патека, која трае до 22 часот.

Фото- Фејсбук

Шопингот во Сент Мориц може да си го дозволат оние со подлабоки џебови. Раскошни се многубројните бутици, кои привлекуваат со осветленоста на излозите, „расфрлани“ низ центарот на градот. „Картие“, „Прада“, „Ролекс“…, луксузни продавници за бунди, крзно и накит, но тука е и марката „Џет сет“ со која се гордеат домашните. „Џет сет“ е швајцарска компанија што потекнува токму од Сент Мориц и која произведува луксузна скијачка облека. Што и да одберете од новата линија на „Џет сет“, во нивните бутици ќе бидете стокмени до совршенство, и секако ќе бидете впечатливи на скијачките патеки.

Фото – Фејсбук

Во последно време Швајцарците се обидуваат да ги привлечат и „обичните туристи“ во ова луксузно место, нудејќи седумдневни туристички аранжмани во европските туристички агенции за само петстотини евра. Ски-картите се со цена како и оние во австриските скијалишта, единствено поскапи се вечерите во стокмените ресторани. И пијалакот е скап.  Ако сте љубител на вино, подобро да не ја негувате оваа страст во Сент Мориц, зошто тука виното се служи и се мери во 1 децилитар, кој е мошне скап. Кафето и водата имаат иста цена, а колбасите се двојно поскапи од оние што ќе ги платите во Германија. Заборавете на фаст фуд храната, зашто тука ја нема. Не зборуваме за рестораните од А-листата, во кои масата се резервира однапред, и иако се скапи, редовно се преполни.

Хотел Кемпински
Хотел Бадрут Палас

Ако ги оставиме настрана хотелите „Бадрут палас“, „Кемпински“ и сличните гламурни зданија во центарот, ноќевањата во хотел со три ѕвездички може да се најде и од 90 до 150 евра, во зависност од локацијата и сезоната. Лете е поевтино, и иако нема скијање, разните фестивали и настани можат да ви го привлечат вниманието. Зиме, пак, не се за пропуштање поло-турнирите. Иако полото е хит-забава за богаташи, настан што чини дури 13 милиони евра, обичните туристи може да се задоволат и со самата глетка на раскошните коњи, кои галопираат по замрзнатото езеро, a навечер со забава во клубовите „Павароти енд френдс“ или, „Скала бар“, едни од најславните ноќни клубови во Европа.

Фото – Фејсбук

Во хотелот „Валдхаус“ може да се ужива во најголемиот виски-бар на светот каде се нудат над 2.500 различни видови на виски, и да дознаете сè што не сте знаеле за „водата на животот“. На соседната маса до вас, во сосема лежерна гардероба, не е чудо да се препознаете во некој што од некаде го познавате, па срдечно да го поздравите. Дури на втора мисла, ќе сфатите дека тоа е Борис Бекер, Паоло Коелјо или Силвестер Сталоне.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот