Разговор со Ангел Петрушев: Второто место на Илинденскиот-кајак слалом е добар пласман што секој го посакува

Македонскиот кајакар Ангел Петрушев/фото извор: facebook

Обожавам да тренирам на диви води каде што можам да усовршам многу недостатоци во мојата техника, воедно и настапувам – вели Петрушев.

Продолжуваме да ги промовираме младите македонски спортисти кои со сето срце, волја и желба ја претставуваат нашата земја на меѓународната сцена, а истовремено бележат и врвни успеси на домашната сцена.

Кајакарот Ангел Петрушев ја продолжи традицијата на одлични резултати на Илинденскиот кајак-слалом, годинава на ИКАС 2022 успеа да ја освои втората позиција. Повеќе прочитајте ТУКА

Прво претстави се, колку години имаш, на кој клуб си член – кога започна да тренираш кајак?

– Јас сум Ангел Петрушев имам 18 години и сум член на Кајакарскиот кану клуб Вардар од Велес. Па, со овој спорт почнав да се занимавам од 2011 година.

На кои води најмногу сакаш да тренираш и настапуваш?

– Обожавам да тренирам на диви води каде што можам да усовршам многу недостатоци во мојата техника, воедно и настапувам.

На неодамнешниот традиционален Илинденски кајак-слалом на Матка го освои второто место. Колку си задоволен од настапот?

– Реално сум задоволен од мојот настап на Илинденскиот кајак-слалом затоа што ова е еден добар пласман што секој натпреварувач го посакува.

Кои успеси досега можеш да ги одвоиш како твои најголеми на домашната и меѓународната сцена?

– На домашната сцена можам да кажам мој најголеми успеси се: Првото место на Илинденски кајак-слалом во 2019 и 2021 година и Државните Сениорски првенства во 2020 и 2021 каде бев победник. На меѓународната сцена имам достигнато повеќе пласмани, но како најзначајни би ги издвоил: Финалист на Европско младинско првенство во Солкан, Словенија 11 место кој е најдобар младински резултат во историјата на Р. Македонија, потоа 15 место на Светско младинско првенство во Љубљана, Словенија.

Кои се твоите следни активности, настапи кои те очекуваат?

– Овој викенд како и следниот ќе се одржи првиот изборен натпревар за влез во репрезентација.

Имаш ли некоја врвна цел која сакаш да ја постигнеш на големите натпреварувања?

– Да, мојата цел е да завземам учество на Олимписки игри.

Веруваш ли дека има интерес од младите да се занимаваат професионално или рекреативно со кајак?

– Заинтересираноста е многу мала за разлика од изминатите години, така што ретки се децата што ќе се одлучат за овој спорт.

Покрај кајакот, дали рекреативно се занимаваш со други спортови, како ја одржуваш формата?

– Во слободно време посетувам и фитнес центар така што ми овозможува да ја одржувам мојата форма.

Што треба да го краси еден кајакар, воопшто спортист за да може да верува во добар резултат?

– Пред се самодовербата во себе и упорноста и желбата према спортот со кој се занимава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот