Предбрачниот договор на Тејлор Свифт и Тревис Келси може да им забрани јавно да зборуваат за бракот, но дали таа ќе смее да пее за тоа?
Иако сè уште официјално не потврдиле детали за венчавката, Тејлор Свифт и Тревис Келси веќе се тема на бројни медиумски анализи, особено околу можниот предбрачен договор што би можеле да го потпишат пред бракот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според „Пејџ Сикс“, нивниот договор би можел да содржи клаузули за доверливост и забрана за јавно нарушување на угледот, со што двајцата би биле ограничени јавно да зборуваат за својот брак или евентуални приватни несогласувања.
Адвокатката Сара Луето, партнерка во одделот за брачно и семејно право во адвокатската куќа „Бланк Роум“, објаснила дека ваквите договори се вообичаени кај славните личности, особено кога станува збор за заштита на приватноста и имотот.
Според неа, можно е договорот да предвидува деталите за бракот и финансиските услови да им бидат познати само на адвокатите и сметководителите вклучени во подготовката на договорот или во евентуална бракоразводна постапка. Исто така, можно е парот однапред да договори медијација или приватен судија за решавање на идни спорови, со цел да се избегне јавна медиумска изложеност.
Луето посочила дека Тејлор Свифт најверојатно не би прифатила одредба што би ѝ забранила да пишува или пее за своите врски. Пејачката со години е позната по тоа што личните љубовни искуства ги претвора во музика, а јавноста често се обидува да открие кои поранешни партнери се инспирација за нејзините песни.
Во 2025 година, на албумот „Животот на шоу-девојката“ (The Life of a Showgirl), таа вклучи и неколку стихови инспирирани од Келси, додека на претходниот албум „Друштвото на измачените поети“ (The Tortured Poet’s Society) имаше песни поврзани со нејзините поранешни партнери Џо Алвин и Мет Хили.
Адвокатката објаснила и дека славните личности често прецизно дефинираат што се смета за брачен имот, особено кога станува збор за креативни проекти, музички каталози и авторски права. Во случајот на Свифт, тоа е особено важно бидејќи таа со години вложува напори да ги врати и заштити правата на својата музика.
Според Луето, можно е договорот да предвидува и целосно одделни имоти по бракот. Со оглед на тоа што Свифт е милијардерка, а Келси милионер, таа смета дека нивните финансии најверојатно би останале целосно разделени и по венчавката.
Сепак, договорот би можел да дозволува заеднички инвестиции или заеднички имот во текот на бракот, но со однапред утврдени сопственички удели.
Дополнителна сложеност создава и фактот што двајцата поседуваат недвижности во повеќе американски држави, па договорот би можел да содржи и клаузули за тоа кое законодавство би се применувало во случај на спор.
Тејлор Свифт поседува имоти во Њујорк, Род Ајленд, Тенеси и Лос Анџелес, додека Тревис Келси има недвижности во Канзас, Мисури и Флорида.
Според информациите на „Пејџ Сикс“, Келси ја запросил Свифт во август 2025 година по две години врска, а венчавката се очекува летово во Њујорк.


