Предавање за историјата на Ромите на Балканот ќе се одржи во „Јуроп хаус“ во Скопје
Францускиот институт во Скопје организира предавање посветено на историјата на Ромите на Балканот, од нивното доаѓање во Средниот век до Првата светска војна, што ќе се одржи на 5 февруари, во 19 часот, во „Јуроп хаус“ во Скопје.
Препорачано
Предавач на настанот ќе биде Бернар Лори, историчар, професор и познавач на историјата на Балканот, додека модератор ќе биде м-р Даниел Петровски, Институт за фолклор „Марко Цепенков“.
Низ темелен историски пристап, заснован на примарни извори од земјите од Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија, Бернар Лори ќе ги посочи динамиките на прилагодување, интеракција и коегзистенција помеѓу ромското и локалното население, разбивајќи ги предрасудите поврзани со нивната маргиналност.
Бернар Лори е автор на делото „Ромите на Балканот, 1280–1914“, кое проследува неколку века социјална, економска и политичка историја на ромското население во регионот. Делото е достапно во медијатеката на Францускиот институт во Скопје.
Настанот е отворен за широка публика: истражувачи, студенти, наставници, културни работници, како и за сите заинтересирани за историјата на Балканот, културната разновидност и општествените динамики во Југоисточна Европа.


