Посната трпеза е „пресолена“, а празничните јајца помалку ќе се вапсаат

скопје велигден коронавирус македонја ковид-19 луѓе пазар
Граѓани пазарат на Зелен пазар во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Табла јајца за 280 денари, риба „ослиќ“ по 180 денари, пакувано јагнешко за 500 денари, се дел од цените што ги затекнавме низ продавниците. Купувачите негодуваат и ги прават предвелигденските математики

Посната трпеза оваа претпразнична недела е прилично солена за просечниот буџет на просечно македонско семејство. Пастрмката чини над 300 денари за килограм, а поевтино од 270 денари и не може да се најде, додека ослиќот како поевтина риба е веќе 180 денари. Ако домаќините сакаат да направат некое од традиционалните посни макала, ќе потрошат колку за килограм пилешко замрзнато месо бидејќи младите компири се продаваат по цена од најмалку 55 до 70 денари па и повеќе, а доматите по цена од 220 до 260 денари, во зависност од тоа дали купувате во некој од маркетите или на пазар.

– Сакав да направам посно тавче-гравче, па влегов во маркет да пазарам. Еве ја сметката, сѐ е двојно поскапено од лани. Кога чинел обичен грав 100 денари за половина килограм? Да се собере семејството на маса, само за грав ќе потрошам како кавијар да сум купила – вели скопјанка за „Слободен печат“.

Тие што зачувале туршија, можеби ќе поминат и поевтино, но оние што ќе сакаат да купа,т ќе треба да платат тегла ајвар најмалку 150 денари. Поскапени се и киселите краставички, иако цената е далеку пониска од цената на свежи краставици што се продаваат по 85 до 130 денари за килограм. Повисока е и цената на јаткастите плодови. Домашните чистени ореви се околу 800 денари по килограм, бадемите околу 900,  а поскапите видови, како бразилски орев, одат и до 1.300 денари за килограм.

Поголемите маркети прават акции за намалување на одредени видови овошје, но тоа повторно е скапо за граѓаните. Бананите се по 50 денари и портокали по 40 денари на акција и, иако е април, цената на јаболката не попушта и се движи од 30-40 денари по килограм, во зависност од сортата.

За в недела на Велигден, семејствата со православна христијанска вероисповед традиционално подготвуваат јагнешко месо и неодминливите вапсани јајца.

– Со мојата пензија и пензијата на бабата годинава тешко дека трпезата ќе биде богата. Ќе земеме колку-толку мевце за скара, јагнешко тешко по овие цени. Ама најмногу ме боли што јајцата се толку поскапени, а не можеш да не вапсаш, треба во црква да се појде, па внуците ќе дојдат дома – вели пензионер.

Јагнешкото месо, ако е пакувано, во маркетите се продава по цена од над 500, па сѐ до 700 денари за маринирано јагнешко за скара. Месото е и онака поскапено, но пред празникот е дополнително „зачинето“ за десетина отсто. Сувомесните производи како и млечните производи, дури и кога се на акциска продажба, се продаваат по цени повисоки за 20 отсто од новогодишните и за 50 отсто повисоки од лани за Велигден.

Симболот на празникот, јајцата, неделава се продаваат по 8 до 12 денари по парче, додека лани за Велигден цената беше 6 до 8 денари.

– Табла јајца 280 денари? Страшно е тоа, страшно. Овие цени се како во Германија, ама нам приходите не ни се како во Германија – коментира скопјанка на излегување од Зелен пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот