Поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон уапсен во Италија

Карлес Пуџдемон/ Фото: EPA-EFE/PATRICK SEEGER

Европратеникот и поранешен каталонски претседател Карлес Пуџдемон, кој е во егзил во Белгија од 2017 година по обидот за отцепување на Каталонија на референдумот за кој Шпанија заклучи дека е неуставен, уапсен е во четвртокот во Италија, потврди неговиот адвокат.

Се очекуваше тој да се појави денеска на суд на сослушување за да се одлучи за неговата екстрадиција во Шпанија, со цел да се соочи со обвиненијата за бунт.

„Каталонскиот лидер е приведен во Алгеро, Сардинија”, напиша неговиот шеф на кабинетот Жосеп Луис Алеј на Твитер.

– По пристигнувањето на аеродромот во Алгеро, тој беше уапсен од италијанската полиција, а во петок ќе се појави пред судиите во Сашари, кои ќе одлучат дали ќе го ослободат или ќе го екстрадираат, додаде Алеј.

Пуџдемон (58) се бара во Шпанија поради обвинувања за бунт и неговите обиди да го оддели каталонскиот регион од Мадрид на референдум во 2017 година.

Неговото апсење доаѓа една недела откако левичарската шпанска влада и регионалните каталонски власти ги продолжија преговорите за изнаоѓање решение за најтешката политичка криза во Шпанија во последните децении.

Европскиот парламент во март го укина имунитетот на Пуџдемон и на двајца други независни пратеници, одлука што Европскиот суд на правдата ја потврди во јули. Сепак, одлуката на Европскиот парламент се обжалува, а конечната одлука на судот допрва треба да се донесе.

Референдумот беше организиран во октомври 2017 година од каталонското сепаратистичко регионално раководство и покрај забраната во Мадрид, а процесот беше нарушен со полициско насилство.

Неколку недели подоцна, раководството издаде краткотрајна декларација за независност, поради што Пуџдемон избега во странство, додека другите што останаа во Шпанија се соочија со судења.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот