ВИДЕО | Почина Скот Адамс, еден од највлијателните карикатуристи на сите времиња
Американскиот карикатурист Скот Адамс, автор на еден од највлијателните стрипови на сите времиња, „Дилберт“, почина денеска на 68 години, пренесува „Пипл“. За смртта на славниот автор јавноста беше информирана преку неговиот долгогодишен поткаст „Real Coffee With Scott Adams“, а веста ја објави неговата поранешна сопруга Шели Милс.
Препорачано
Адамс уште во мај 2025 година објави дека боледува од рак на простата кој се проширил на коските, и дека очекува „да го напушти овој свет“ во текот на летото 2025. Иако официјалната причина за смртта не е потврдена, околностите укажуваат на последици од сериозна болест.
Скот Адамс е роден на 8 јуни 1957 година во Виндам, Њујорк. По дипломирањето економија на „Hartwick College“, работел во неколку големи компании, вклучувајќи „Crocker National Bank“ и „Pacific Bell“, каде што токму од досада поради канцеларискиот живот започнал да црта стрип кој ќе го направи славен.
„Дилберт“ првпат е објавен во 1989 година и брзо станал глобален феномен. Стрипот излегувал во повеќе од 2.000 весници во 65 земји, а се проценува дека го следеле над 150 милиони читатели секојдневно. Со сатирично прикажување на корпоративната глупост, бесмислените состаноци, неспособните менаџери и апсурдите на современиот канцелариски живот, „Дилберт“ стана културен симбол на 90-те и раните 2000-ти.

Најпознатите ликови, инженерот Дилберт, агресивната Алис, мрзливиот Вали, шефот со шилеста коса и вечниот практикант Асок, беа пример на многу реални канцелариски ситуации.
Стрипот беше адаптиран во анимирана серија (1999 – 2000), а Адамс објавил 49 книги, бројни колекции стрипови и сувенири продадени ширум светот.
Во 2023 година, „Дилберт“ нагло престана да се објавува во повеќето американски весници поради низа контроверзни расистички изјави на Скот Адамс. Потоа тој започна алтернативна верзија на стрипот, „Дилберт Реброн“, на платформата Икс и на својот сајт dilbert.com.
Скот Адамс бил трипати оженет, но немал деца.
Со неговата смрт завршува една од највлијателните кариери во светот на сатиричниот стрип, која со децении верно го отсликуваше (и исмејуваше) корпоративниот секојдневен живот.


