Почина британскиот рапер и продуцент Дот Ротен
Британскиот рапер и продуцент Дот Ротен почина на 37-годишна возраст. Тажната вест ја потврди неговото семејство за „Би-би-си“, а според достапните информации музичарот починал во Гамбија. Засега не се објавени повеќе детали за околностите на неговата смрт.
Препорачано
Неговото вистинско име беше Џозеф Елис Стивенсон. Роден и израснат во јужниот дел на Лондон, уште како млад започнал да создава музика и брзо се наметнал како едно од најпрепознатливите имиња на раната британска грајм (Grime) сцена.
Кариерата ја започнал под уметничкото име Јанг Дот, а во 2007 година го објавил својот прв микстејп „This Is the Beginning“. Со текот на времето се етаблира како еден од највлијателните автори на инструментални подлоги во овој жанр, со композиции како „Petrol Bomb“ и „Bazooka“, кои ги користеа бројни рап изведувачи. Во текот на кариерата ја објави и популарната серија „Rotten Riddims“, составена од повеќе изданија со инструментални композиции и микстејпови.
Покрај работата како продуцент, тој беше активен и како рапер, препознатлив по директниот и често конфронтирачки стил. Во различни периоди од кариерата имаше јавни музички конфликти со други изведувачи, што е честа појава во грајм културата.
Во 2012 година беше номиниран на престижната листа „Би-би-си – звук на годината“, која ги издвојува најперспективните нови музички таленти. Истата година го постигна и својот најголем самостоен успех со песната „Overload“, создадена во соработка со музичката продуцентска екипа Ти-Ем-Ес, која се најде меѓу дваесетте најслушани песни на британските музички листи.
По објавувањето на неговиот последен албум „ Interview“ во 2014 година, тој почна да настапува под уметничкото име Зеф Елис и се посвети повеќе на инструментални проекти.
По веста за неговата смрт, бројни музичари и соработници му оддадоа почит. Музичкиот менаџер Баунсер Плеј Дирти изрази сочувство до семејството, додека раперот Свеј напиша дека веста е многу тажна. Почит му оддаде и раперот Вајли, кој објави видео со една од неговите инструментални композиции.


