Пет промени на ноктите што укажуваат на сериозни болести, еве на што треба да внимавате!
Експертите предупредуваат дека промените на ноктите понекогаш можат да бидат знак за посериозни здравствени проблеми, па затоа советуваат да се обрне внимание на необични промени во бојата, текстурата или обликот.
Препорачано
Медицинските специјалисти истакнуваат дека одредени нијанси на ноктите можат да укажуваат на состојби кои бараат медицински преглед.
Дерматолозите од Американската академија за дерматологија (ААД) на својата веб-страница наведоа дека промената во бојата, текстурата или обликот на ноктот може да биде безопасна, но и знак на болест.
– Дали сте забележале промена на ноктот? Промената во бојата, текстурата или обликот може да биде безопасна, но може да биде и знак на болест. Ако забележите некоја од следниве промени на ноктот на раката или ногата, време е да посетите сертифициран дерматолог – рекле тие, пренесе „Дејли експрес“.
Еве ги промените на кои треба да обрнете внимание.
Бели нокти
„ААД“ наведува дека белите нокти можат да укажуваат на болести на црниот дроб или дијабетес. Болеста на црниот дроб е поверојатно да се појави ако е присутна цироза, најтешката фаза на болеста. Белите нокти можат да се појават и природно со возраста. Сепак, „ААД“ вели дека е добра идеја да се провери.
Половина розови, половина бели нокти
Ноктите што изгледаат половина розови, половина бели може да укажуваат на заболување на бубрезите. Дерматолозите го опишуваат симптомот како „бела боја на врвот на еден или повеќе нокти и нормална до црвеникаво-кафеава боја под нив“.
Жолти нокти
„ААД“ вели дека жолтите нокти можат да сигнализираат за болест на белите дробови, а промената на бојата е поврзана со проблеми со циркулаторниот или лимфниот систем.
– Кога овие системи не работат правилно, течноста може да се насобира во меките ткива под кожата. Ова може да ги направи ноктите жолти – објаснуваат од Клиниката Кливленд.
Жолтите нокти може да бидат предизвикани и од габична инфекција или од пушење.
Темноцрвени „полумесечини“ на ноктите
„ААД“ истакнува дека темноцрвените полумесечини на ноктите можат да укажуваат на голем број состојби, вклучувајќи лупус, срцеви болести, алопеција ареата, артритис и дерматомиозитис. Ако забележите оваа промена на бојата, се препорачува да разговарате со вашиот лекар.
Темна линија под ноктот
„ААД“ предупредува дека нова или променлива темна линија под ноктот може да биде рак.
– Оваа темна линија може да биде меланом, најсериозниот вид рак на кожата – рекле тие.
Други бои што „ААД“ ги наведува како можни знаци на здравствени проблеми
„ААД“ исто така наведува други промени во бојата што може да бидат важни: сините нокти можат да укажуваат на недостиг на кислород во крвта, бледите нокти укажуваат на анемија (слабокрвност), а сините полумесечини укажуваат на можно труење.


