Пановски: Починатата велешанка не можела да го зарази полицаецот со коронавирус!

Никола Пановски фото архива на Слободен печат

Полицаец, член на тимот од крим техника, кој влегол во станот на 79-годишната почината велешанка да направи увид, има позитивен резултат на тестот за коронавирус. Кадаверот на жената бил во фаза на подоцнежно распаѓање и безживотен повеќе од една недела, а можеби и подолго, но сепак, првиот и засега непотврден резултат од обдукцијата на велешанката покажа дека во нејзиното дишно стебло била пронајдена РНК на вирусот.

Со финален извештај од Судска медицина, кој министерот за здравство Венко Филипче го најави за до крајот на неделава, ќе бидат познати деталите, меѓу кои и тоа дали навистина вирусот бил во кадаверот. Можноста да се работи за лажно позитивен тест исто така не е исклучена, иако сензитивноста на тестовите е прилично висока, а најмалку три до пет отсто од тестираните резултати се лажно позитивни или негативни, секаде во светот. Како се заразил полицаецот што го правел увидот кај починатата велешанка, не е познато, но случајот е особено интересен за јавноста, поради тоа што шпекулативно беше изнесено дека времето на смртта кај жената настапило во јануари, од што произлегува дека Македонија е првата земја на светот, пред Кина и Италија со коронавирус. Ваквата информација не ја исклучи ниту министерот за здравство, Венко Филипче.

Експерти од медицинскиот факултет посочуваат дека е многу важно каде и кога е земен брисот од полицаецот што бил на увид кај велешанката, за да се донесе било каков заклучок околу тоа кој како се заразил.

Микробиологот, професорот Никола Пановски, за Слободен печат вели дека не би било можно полицаецот да го контаминира лешот во длабоките делови на дишните патишта, ако брисот бил земен при обдукција. Но, ако од судска медицина зеле брис од нос, на лице место, тогаш теоретска можност, објаснува професорот – постои. Сите овие размислувања, дециден е Пановски, треба да се земаат со резерва, додека не бидат познати сите детали од случајот. Во оваа истрага се вклучени експерти од судска медицина, МАНУ и тим епидемиолози од Институтот за јавно здравје.

-Ако брисот е земен директно од долните дишни патишта на самата обдукција, тогаш не е можно тој да ја контаминирал. Од починатата жена не е можно вирусот да се пренел на полицаецот, затоа што таа ниту дише, ниту кашла ниту кива, а не може да го контаминира лешот во внатрешноста на белите дробови. Најверојатно се заразил некаде на друго место. Но, доколку од судска медицина зеле брис од нос на лице место, тогаш теоретски може. Од лешот дефинитивно не можел да се зарази – вели професорот Пановски.

Тој рече дека жив вирус во телото не може да остане и да предизвика болест, но во кадаверот е можно да останала рибонуклеинска киселина, односно дел од вирусот, и тоа со денови и години.
Дека полицаецот што бил на увид кај починатата велешанка е позитивен на тестот за коронавирус за Слободен печат потврди директорот на Институтот за јавно здравје Велес, Тони Димитриев. Тој ни изјави дека полицаецот бил да прави увиди на повеќе локации, зашто тоа му било дел од професионалниот ангажман.

Пановски: Ако починала жена од коронавирус во јануари, тогаш ќе ја смениме светската историја!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот