Овој зеленчук заслужува ваше внимание: Помага при анемија и ја намалува исцрпеноста
Замислете дека постои зеленчук кој во еден залак нуди вистинско богатство од хранливи материи и притоа му помага на срцето, мозокот и на целокупното здравје. Звучи добро, нели?
Препорачано
Добрата вест е дека сите овие придобивки можете да ги најдете во цвеклото. Овој коренест зеленчук во себе крие есенцијални витамини, минерали и фитохемикалии кои можат да придонесат за превенција на анемија, поддршка на невролошкото здравје и зачувување на кардиоваскуларниот систем, пишува „Живим“.
И покрај сите свои предности, цвеклото често останува запоставено во секојдневната исхрана. Манган, фолна киселина, железо, бакар, како и витамините Ц и Б3 се само дел од нутриентите поради кои вреди да се најде на менито.
Анемија
Благодарение на високата содржина на железо, фолна киселина и витамин Ц, цвеклото се смета за особено ефикасно во борбата против анемија. Преглед од 2022 година покажал дека консумацијата на цвекло значително ги зголемува нивата на хемоглобин, нудејќи нефамаколошки пристап во третманот на анемија. Друга студија утврдила дека сокот од цвекло ги подобрува нивата на хемоглобин и хематокрит кај бремени жени, при што клучна улога има високата содржина на фолна киселина.
Спортска ефикасност
Цвеклото е богато со нитрати кои ја подобруваат спортската изведба. Преглед објавен во списанието „Нутриентс“ сугерира дека консумирањето сок од цвекло може да ги подобри кардиореспираторните перформанси, да ја зголеми спортската ефикасност и да го намали чувството на исцрпеност. За најдобри резултати, се препорачува сокот од цвекло да се испие два до три часа пред физичка активност, за да се постигне оптимално ниво на нитрати во крвта.
Го намалува крвниот притисок
Освен за спортската изведба, нитратите се покажале како исклучително корисни и за здравјето на срцето. Кога ќе се претворат во азотен оксид, тие помагаат во проширување на крвните садови и во намалување на покачениот крвен притисок.
Противвоспалителни својства
Овој коренест зеленчук е важен и во борбата против воспаленија. Имено, покажано е дека беталаините во цвеклото (фитонутриенти кои му ја даваат карактеристичната боја) имаат силни противвоспалителни својства. Во комбинација со високите нивоа на антиоксиданси, цвеклото е одличен сојузник во борбата против оксидативниот стрес, кој се поврзува со низа хронични состојби, вклучувајќи срцеви заболувања, дијабетес и рак.
Пријател на цревата
„Здравјето започнува во цревата“ е реченица што често ја слушаме и е сосема точна. Цревата ја содржат цревната микробиота, која има клучна улога во имунитетот, варењето и целокупното здравје. Тука на сцена стапува цвеклото, кое е одличен извор на диетални влакна. Знаеме колку се важни тие во исхраната, а исто така е познато дека најчесто внесуваме недоволни количини. Влакната имаат клучна улога во здравјето на дигестивниот систем бидејќи ги хранат добрите цревни бактерии, штитат од гастроинтестинални заболувања и помагаат при запек.


