Нова година, 31 декември/Фото: Pixabay

Несекојдневни новогодишни обичаи ширум светот: Од кршење чинии до маскирање во мечки

Новогодишните обичаи ширум светот се разликуваат од земја до земја и од континент до континент. Некои од начините за привлекување среќа во Новата година вклучуваат јадење грозје, кршење чинии, правење што поголема бучава за да се избркаат злите духови, па дури и маскирање во мечки.

Во Данска, доколку се разбудите на Нова година и затекнете куп скршени чинии пред вашиот праг, според данските стандарди тоа значи дека сте многу среќна личност. Како што пишува „Скај њуз“, таму постои обичај чиниите да се фрлаат пред влезните врати на пријателите и соседите, со цел да им донесат среќа во наредната година.

Во Шпанија, крајот на годината се слави со јадење грозје, по едно зрно на секое отчукување на часовникот на полноќ, вкупно 12 зрна. Се верува дека секое зрно носи среќа за еден месец од годината, а дека овој обичај помага и во пронаоѓање сродна душа во Новата година.

Во Шкотска се верува дека првата личност што ќе влезе во вашиот дом во Новата година ќе ја одреди вашата среќа. Среќна куќа, според традицијата, е онаа во која преку прагот прв ќе влезе темнокос маж.

Се смета дека ова верување потекнува од времето на викиншките инвазии, кога русокос маж на вратата значел опасност.

Во Италија, традиција е за Нова година да се јаде леќа, бидејќи се верува дека таа носи среќа и благосостојба. Колку повеќе леќа ќе изедете, толку повеќе среќа ќе имате во годината што следи.

Во Романија, некои луѓе се облекуваат како мечки за да привлечат среќа во Новата година. Овој обичај потекнува од времето пред христијанството, кога се верувало дека дивите животни ги штитат луѓето од несреќа и опасност.

Јапонските новогодишни обичаи предвидуваат ѕвонење на ѕвоната во храмовите вкупно 108 пати, што симболизира прочистување од човечките слабости.

Новата година се слави на 31 декември, а потребни се околу 26 часа за сите земји во светот да ја дочекаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот