Блејк Лајвли и Џастин Балдони во филмот „Ова завршува со нас“ / Фото: Sony Pictures / Everett / Profimedia

Откриена е астрономската сума што Блејк Лајвли ја заработила од снимањето на филмот „Ова завршува со нас“

Платата на актерката Блејк Лајвли за улогата во филмот „Ова завршува со нас“ (It Ends With Us) е откриена во рамки на правната постапка што ја води против нејзиниот колега Џастин Балдони. Правните документи покажуваат дека 38-годишната актерка за шестнеделно снимање на романтичната драма заработила околу 1,5 милиони евра, односно нешто повеќе од 50 илјади евра дневно, пишува „Дејли Мејл“.

Освен основната плата, договорот предвидувал и бонус од 171 илјада евра во случај Лајвли да освои Оскар за улогата на цвеќарката Лили Блум, како и 85 илјади евра за номинација. Исто така, Блејк и нејзината компанија требале да добијат дополнителни 214 илјади евра ако филмот, кој беше прикажан во кината во август минатата година, оствари приход поголем од тројниот износ на својот буџет.

Филмот, кој ја следи турбулентната врска меѓу Лили Блум (Лајвли) и Рајли Кинкаид (Балдони), постигна значителен комерцијален успех. Со буџет од 20,7 милиони евра, на светските благајни заработи 300 милиони евра, и покрај мешаните критики.

Овие финансиски детали излегоа во јавност само неколку дена откако поранешниот агент на Џастин Балдони ја обвини Блејк за „изнуда“ за време на продукцијата. Според транскриптот од сведочењето, агентот Дени Гринберг тврдел дека однесувањето на актерката на сетот и во постпродукцијата станувало сè понестабилно. Во комуникација со Балдони во јули 2024 година, нејзините постапки ги опишал како „континуирана изнуда и обид за преземање контрола врз филмот“.

Гринберг подоцна појаснил дека под „изнуда“ не мисли на буквално кривично дело, туку на кумулативно однесување и растечки притисок врз продукциските куќи „Wayfarer“ и „Sony Studios“.

Меѓусебни тужби за вознемирување и клевета

Потсетуваме, правниот спор започна во декември 2024 година, кога Лајвли го тужеше Балдони за наводно сексуално вознемирување на сетот, што тој остро го негираше.

Балдони и неговото студио „Wayfarer“ возвратија со противтужба за клевета против Лајвли, нејзината публицистка Лесли Слоун и нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс. Балдони исто така поведе тужба вредна 400 милиони долари против „Њујорк тајмс“ поради, како што тврди, сензационалистичко известување за обвинувањата, но таа тужба беше отфрлена во јуни оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот