Општината сè уште обезбедува услови за пренос: Одлуката е донесена, но загатка е кога ќе има во живо седници на Карпош

Општина Карпош остана една од ретките скопски општини чии граѓани не можат да ги следат во живо седниците на Советот и да слушнат какви одлуки се носат и какви дискусии водат луѓето кои се избрани да ги претставуваат интересите на карпошани. На последната седница на Советот е донесена Одлука за пренесување на седниците во живо, но дали и кога таа ќе профункционира во пракса останува да се види.
И по година и пол од мандатот на новото раководство сѐ уште нема прецизен одговор кога ќе стартуваат преносите или барем снимките од одржувањето на седниците.
Во општина Карпош во тек е постапка за обезбедување услови за пренос во живо на седниците на Советот на Општината. По завршувањето на целата процедура за реализирање на преносот, седниците на Советот ќе бидат пренесувани во живо – гласи одговорот од Општината, во кој конкретно не се кажува ништо.
Нема одговор ниту дали ќе се почитува Одлуката донесена на Советот, ниту кога конечно граѓаните ќе можат да ја проследат првата седница во живо или барем нејзината снимка наредниот ден и што е најбитно, нема одговор на прашањето дали Општината располага со техничка опрема потребна за пренесување на седници во живо.
Пред една година беше спроведена постапка за набавка на опрема, а неколку месеци подоцна од Карпош за „Слободен печат“ објаснија дека проблем било тоа што избраната фирма не доставила опрема според спецификациите од јавниот оглас.
По објавениот оглас за избор на фирма за набавка на опрема за пренесување на седници на Советот на општина Карпош во живо, беше избран најповолен понудувач. Понудувачот ја достави опремата, но по извршеното примопредавање беше утврдено дека дел од доставената опрема не е согласно спецификацијата од огласот, поради што беше вратена и побарана од истиот да достави опрема според спецификите наведени во огласот. Очекуваме од понудувачот да достави опрема во согласност со наведената спецификација, по што ќе биде проверена и инсталирана опремата за употреба – објаснија пред девет месеци од Општина Карпош.
Што се случи во меѓувреме и конечно, дали Општината има или не опрема – нема одговор. Но, оттаму не се согласуваат со констатацијата дека граѓаните не знаат што се случува на седниците и какви одлуки се носат и тврдат дека тоа е апсолутна невистина.
Сакаме да ве потсетиме дека седниците на Советот на општина Карпош се отворени за јавност и дека новинарите и граѓаните непречено можат да ги следат во живо со физичко присуство. Информација за времето и денот на одржување на седницата, како и дневниот ред се објавува на официјалната веб-страница на Општината пред секоја седница, а по завршувањето се објавува информација за донесените одлуки на веб страната и на социјалните мрежи, а исто така се испраќа и соопштение до медиумите – велат од Карпош.
Од Општината понатаму, наместо одговор на поставените прашања, посочуваат дека
поради одговорното и транспарентно работење на општинската администрација, Карпош добил две признанија за најтранспарентна општина во државата.
Истражувањето направено од Центарот за граѓански комуникации кое го одредува индексот на активна транспарентност на институциите, во 2022 година ја рангира Општина Карпош заедно со Битола и Валандово како најтранспарентна општина во државата со 97,1 %, како и убедливо најтранспарентна општина во Скопскиот регион. Според индексот на отвореност, општина Карпош исто така беше оценета со највисока оценка за буџетска транспарентност. Според Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, Карпош е со највисока вредност на буџетска отвореност од 73.4, а тој индекс покажува и вклученост, праведност и отчетност на општинската каса, односно за начинот на трошење на парите на граѓаните, како главни алиментатори на Буџетот – објаснуваат од Општината.
Но, надвор од сите анкети и истражувања, конкретната состојба е дека во Карпош нема пренесување седници во живо за разлика од општините Центар, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и други каде што тоа е редовна практика. Во однос на тврдењето дека седниците на Советот се отворени за присуството на граѓаните во „живо со физичко присуство“, можеби тоа и би било возможно доколку седниците не се одржуваат во работно време и доколку на нив би се обезбедил простор за присуство барем на стотина заинтересирани граѓани.