Општина Арачиново не собрала ниту денар данок на имот

Половина од вкупниот данок на имот во земјава, кој изнесува 21 милион евра, се прибира во Скопје. Најмногу, како тригодишен просек, данок на имот е прибран во Општина Центар, а во Арачиново нема ниту денар, покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) за сите општини во 2017, 2018 и 2019 година. 

Наплатата на данокот на имот во Општина Арачиново е нула затоа што таму воопшто и не се издаваат решенија за наплата на данок на имот со образложение дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение. На 11 декември 2020, пак, Владата донесе одлука да го помогне Арачиново со 500.000 евра неповратна помош.

Според податоците на ЦКГ, покрај Арачиново, најслаба наплата на данок на имот, според процентот на наплата за овие три години, има во општините: Тетово 55 проценти, Липково 51 процент, Врапчиште 46 процент, Желино 42 процент, Гостивар 40 проценти. Најдобар процент на наплата на овој данок имаат општините: Македонски Брод, Ѓорче Петров и Велес, со по 97 проценти, Зрновци, Чешиново-Облешево и Македонска Каменица и Илинден со 96 проценти, а Кавадарци и Аеродром со 95 проценти.

Ако, пак, се гледа според висината на собраните пари, 60 отсто од данокот на имот го собираат десет општини. Според тригодишните просеци во оваа група се Центар (2,3 милиони евра), Карпош (2 милиони евра), Аеродром (1,4 милиони евра), Кисела Вода (1,3 милиони евра), Гази Баба (1,2 милиони евра), Илинден (694 илјади евра), потоа Охрид, Битола, Куманово и Кавадарци (646 илјади евра).  

Податоците покажуваат и дека 70 проценти доаѓаат од граѓаните, а останатиот дел од 30 отсто се наплаќа од фирмите. Односно, од граѓаните, годишно, за данок на имот се прибираат просечно по 14,8 милиони евра, а од фирмите по 6,2 милиони евра.

Доколку се земе предвид наплатата на данокот на имот само од граѓаните, тогаш на врвот е Општина Карпош со наплатени 1,5 милион евра. Втора е Центар со 1,4 милиони, трета е Аеродром со 1,1 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот