Охрид-Кичево автопат да биде, еден убав пролетен ден – осми анекс денес потпишаа Трајановски и Чен Чен
Ќе платиме уште 186 милиони евра за историскиот автопат, кој се гради 12 години и досега нè чини над 600 милиони
Директорот на Јавното претпријатие „Државни патишта“, Коце Трајановски, и претставникот на кинеската фирма „Синохидро“ Чен Чен го потпишаа осмиот анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид кој неодамна го одобри Собранието.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со овој анекс државата ќе издвои уште 186 милиони евра за да се заврши изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Со него се дава рок кинеската компанија да го заврши до 31 мај 2027 година.
Од Државни патишта појаснуваат дека парите се потребни за изведување на непредвидени и дополнителни градежни работи кои се потребни за целосно завршување на проектот.
„Потребна е санација на 14 свлечишта и обезбедување на глобална стабилност, еластична одбојна ограда, изградба на контролен центар, како и дополнителните работи за изградба на паралелни патишта. Со ова се надминати проектните предизвици со косините и свлечиштата и може да се продолжи поинтензивно со градежните активности“, велат од Државни патишта.
Делницата долга 57 километри почна да се гради пред 12 години. Досега се потрошени околу 558 милиони евра, а во сообраќај се пуштени околу 40 километри од автопатот.


