Одбојкарите во Атина го запишаа вториот пораз во Европската лига
Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе вториот пораз во Европската лига, откако на гостувањето кај Грција загуби со максимални 3-0 во сетови (25-19, 25-20, 25-23).
Препорачано
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски имаа свои добри моменти во текот на натпреварот, но не успеаја да приредат изненадување против домаќинот, кој од самиот почеток го наметна својот ритам и ја контролираше играта.
Грците без поголеми проблеми го добија првиот сет, додека Македонија во продолжението прикажа нешто подобро издание, меѓутоа не доволно за изненадување.
Во вториот сет се водеше изедначена борба до резултат 18-18, кога домашната селекција направи серија од два поени и успеа да се одлепи. Македонските одбојкари се обидоа да се вратат во игра, но Грција ја зачува предноста и поведе со 2-0 во сетови.
Најголем отпор нашата репрезентација пружи во третиот сет, во кој во неколку наврати имаше и резултатска предност. Сепак, Грците направија пресврт во завршницата и стигнаа до максимална победа. Најефикасни во македонскиот состав беа Никола Ѓорѓиев со 11 освоени поени и Филип Савовски со 10.
За Македонија ова беше втор пораз во Европсата лига по претходниот неуспех против Холандија, додека во првите две кола нашите одбојкари забележаа победи над Исланд и Луксембург.


