Чеферин/EPA-EFE/Richard Juilliart

Тринаесет мундијалски селекции се побунија против Чеферин: „Не постои натпревар на Светско првенство без значење“

Тринаесет фудбалски сојузи кои ќе настапат на Светското првенство во 2026 година ги осудија неодамнешните изјави на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, кој оцени дека проширувањето на Мундијалот на 48 репрезентации создава натпревари „без значење“. Сојузите на земјите кои се квалификуваа за турнирот, остро реагираа на изјавата на Словенецот.

Во заедничко соопштение испратено до агенцијата „АФП“, фудбалските сојузи на Зеленортските Острови, Курасао, Узбекистан, Демократската Република Конго, Хаити, Алжир, Тунис, Мароко, Египет, Гана, Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и Јужна Африка порачаа дека категорично ги отфрлаат тврдењата на Чеферин.

Заедничко соопштение

„Фудбалските сојузи на Зеленортските Острови, Курасао, Узбекистан, ДР Конго, Хаити, Алжир, Тунис, Мароко, Египет, Гана, Сенегал, Брегот на Слоновата Коска и Јужна Африка го изразуваат своето длабоко разочарување поради неодамнешните изјави на претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, во врска со проширувањето на Светското првенство на ФИФА и неговото опишување на многу натпревари како ‘безвредни’.

За нашите земји не постои натпревар на Светско првенство без значење. За нас, пласманот на Светското првенство претставува историски подвиг и исполнување на сон што го споделуваат генерации. Да се сугерира дека некои од нашите натпревари се помалку важни е длабоко разочарувачки и значи игнорирање на напорите, жртвите и амбициите на играчите, тренерите, клубовите, фудбалските функционери и навивачите ширум светот.

Зад секоја квалификација стојат години работа и вложувања. Зад секоја репрезентација стојат цели заедници и милиони луѓе кои го гледаат фудбалот како извор на гордост, надеж и единство. Фудбалот не ѝ припаѓа на тесна група привилегирани функционери. Неговата сила лежи во неговата универзалност. Светското првенство на ФИФА е најголемото фудбалско натпреварување во светот токму затоа што обединува различни култури, различни приказни и различни фудбалски патишта.

За многу земји, учеството на Светско првенство не е само спортски успех. Тоа е момент што инспирира генерација, го забрзува развојот на фудбалот и создава спомени кои траат цел живот. Веруваме дека секоја нација која се квалификувала заслужува почит. Секоја репрезентација го обезбедила своето место заслужено. Секој натпревар е важен“, се вели во соопштението.

Кој е Александер Чеферин?

Александер Чеферин е словенечки правник и фудбалски функционер, роден на 13 октомври 1967 година во Љубљана. Тој е претседател на УЕФА речиси десет години, а претходно беше претседател на Фудбалскиот сојуз на Словенија.

Пред да влезе во врвот на фудбалската администрација, работел во семејната адвокатска канцеларија и се занимавал со право, особено со застапување на спортисти и спортски клубови. Во фудбалската администрација постепено напредувал преку работа во словенечките клубови и сојузи, а во 2011 година станал претседател на Фудбалскиот сојуз на Словенија.

На чело на УЕФА беше избран во 2016 година и со тоа стана еден од највлијателните луѓе во европскиот фудбал. Неговата работа е обележана со прашања поврзани со управувањето со фудбалот, борбата против расизмот и хулиганизмот, како и односот кон развојот на европските натпреварувања.

„Фудбалот се враќа дома“ – како настанал најпознатиот англиски слоган

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот