Одбележување на патрониот и државен празник во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје

Во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје денеска со пригодна свеченост ќе биде прославен патрониот и државен празник Свети Климент Охридски и ќе се одбележи 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на библиотеката, проектантско дело на еминентниот македонски архитект Петар Муличкоски.

Прославата ќе започне со изведба на државната химна од страна на хор при Музичкиот факултет во Скопје, а потоа поздравен говор до присутните ќе има директорот на НУБ „Св. Климент Охридски” Рахметула Куќи, кој ќе им додели благодарници за особен придонес и поддршка на институцијата на министерката за култура, амбасадите на Народна Република Кина и на Кралството Шпанија, како и на донаторите „НЛБ Банка”, „Кроација осигурување”, „КС сервис”, Меѓународни училишта „Нова” и на „Светот на Биби”.

Во вториот дел од свеченоста, проф. д-р Митко Панов ќе има беседа за Св. Климент Охридски, потоа проф. д-р Минас Бакалчев ќе има реч за објектот на НУБ „Св. Климент Охридски”, а Бојана Муличкоска од име на семејството ќе зборува за проф. Петар Муличкоски.

Свеченоста ќе продолжи со доделување на наградите „Библиотека на годината” за 2022 година и на „Климентова повелба за животно дело” од страна на Библиотекарското здружение на Македонија, како и на традиционалните награди на вработените кои одбележуваат јубилејни годишнини во НУБ „Св. Климент Охридски” и на вработените кои се пензионирале во текот на 2022 година.

На крајот на прославата ќе биде отворена изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски”, дело на архитектот Петар Муличковски и на изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен Св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар.

Во рамки на свеченоста, настап со изведба на повеќе музички композиции ќе имаат и неколку инструменталисти од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот