Положување цвеќе пред Споменикот на ослободителната борба / Фото: „Слободен печат“ - Слободан Ѓуриќ

Одбележан Денот на ослободувањето на Скопје, Ѓорѓиевски најави борба против нечистотијата

По повод 81 година од ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, денеска бројни делегации положија свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, како и пред Споменикот на ослободителите во близина на зградата на Владата, а новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски изјави дека денес борбата е против нечистотијата и запоставеноста, но суштината е иста – подобро Скопје.

На чествувањето присуствуваа претставници од Сојузот на борци, од Градот Скопје предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претставници од Собранието и Владата на Македонија, од кабинетот на претседателката, Армијата, како и од Црвениот крст.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој ја предводеше делегацијата на Град Скопје по положувањето цвеќе истакна дека чувствува должност кон борците и има мисија Скопје повторно да го направи достоинствено и гордо.

„Денес, оддаваме почит на паднатите херои пред Споменикот на ослободителите на Скопје и споменикот на генерал Михајло Апостолски. На 13 Ноември, стоиме исправени пред историјата. На овој ден, Скопје повторно се роди. Се роди од пепелта, од вербата дека слободата вреди повеќе од животот. Овој ден е жива приказна за отпорот, за храброста и за љубовта кон градот. Токму овие датуми нѐ потсетуваат дека дел од нас биле, се и ќе бидат симболите на непокор, на борба и на љубов кон Скопје. Ден кога нашите предци со кренати глави и со непоколеблива решителност, го ослободија градот и му ја вратија светлината. Тие не чекале некој друг да го направи тоа наместо нив. Тие ја зеле судбината во свои раце – рече градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека денешната борба е поинаква и е насочена кон запоставеноста и нечистотијата низ градот, но суштината е иста.

„Се бориме против запоставеноста, против нечистотијата, против заборавот, против рамнодушноста што го гуши духот на градот. Нашето оружје е трудот, знаењето и вербата во тоа дека Скопје може да биде подобро. Обврска е на сите нас да го вратиме духот на градот што знае да создава, што верува во работа, што се потпира на солидарност, а не на поделби. Да го направиме град на ред, чистота и сигурност, град во кој секој жител ќе се чувствува почитуван, а не запоставен“, додаде Ѓорѓиевски, во обраќањето пред присутните.

Исто така, утринава Ѓорѓиевски одржа традиционална средба со претставници од Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација, означувајќи го почетокот на новата историја на слободно Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот