Основно јавно обвинителство - зграда / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Обвинителството тргна по шверцерите на вијали за слабеење

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица, од кои две се осомничени за кривичните дела „криумчарење“ и „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, а една осомничена за кривичните дела „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“.

Со цел обезбедување на осомничената и непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд доставил предлог за определување мерки на претпазливост. Станува збор за обврска осомничената да се јавува кај определено службено лице, привремено одземање на патната исправа, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти со другите двајца осомничени.

Постапката, како што информираат од Обвинителството, следува откако Секторот за контрола и истраги при Царинската управа претходно денеска лишил од слобода три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина. Тие се осомничени за шверцување медицински препарати штетни за здравјето на граѓаните.

Криминалната шема била разоткриена на влез во државата, на граничниот премин „Табановце“, каде што била извршена детална контрола на комбе. При контролата биле пронајдени вкупно 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со натпис „ТИРЗ 2,5 мг“ и „ТИРЗ 5 мг“, скриени во чаршави за постелнина.

Возилото, под постојан надзор на мобилен царински тим, го продолжило патот до местото на кое било договорено преземање на пратката од страна на сопственичката на салонот.

„Во моментот на исплатата, инспектори од Одделението за истраги ја лишија од слобода, а по налог на јавен обвинител е извршен претрес на салонот, каде што се пронајдени и други шверцувани медицински препарати – дермални филери, препарати за разградување дермални филери, производи што се користат за редуцирање маснотии, за контурирање лице, за отстранување брчки и производи за подмладување. За пронајдените производи не била обезбедена документација за нивната безбедност, исправност и законит увоз, а според сомненијата, ги рекламирала и ги употребувала кај клиенти“, информираат од Царинската управа.

ФОТО | Откриена криминална шема на Табановце, сопственичка на салон за убавина шверцувала филери и препарати за слабеење

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот