Објавена темата за годинашната Мет гала, ќе се слави модата како уметност
Њујорк повторно ќе стане центар на глобалната модна сцена на 4 мај, кога ќе се одржи новото издание на Мет гала во Метрополитен музејот на уметноста. Организаторите ја објавија темата за 2026 година – „Модата е уметност“, концепт што директно ја нагласува врската меѓу високата мода и историјата на уметноста, објави „Еуроњуз“.
Препорачано
Мет гала традиционално се организира како хуманитарна вечер за поддршка на Институтот за костимографија при музејот, а воедно претставува и официјално отворање на пролетната изложба. Минатата година настанот собрал околу 31 милион евра, што го направи едно од најуспешните изданија досега.
И оваа година, вечерта ќе ја предводи долгогодишната уредничка на „Вог“, Ана Винтур, заедно со сопретседавачи од светот на музиката, филмот и спортот – Бијонсе, Никол Кидман и Венус Вилијамс. Во организацијата е вклучен и стилски совет, како и домаќински комитет предводен од дизајнерот Антони Вакарело, креативен директор на модната куќа „Ив Сен Лоран“.
Годинашната изложба ќе биде најобемна досега, со речиси 400 експонати – околу 200 модни парчиња и 200 уметнички дела од различни оддели на музејот, поставени во концепциски парови. Кураторот на Институтот за костимографија, Ендру Болтон, најави дека поставката ќе го истражува „облеченото тело“ низ историјата, со цел да покаже дека не само што модата е уметност, туку и дека уметноста често функционира како мода.
Во пракса, посетителите ќе можат да видат, на пример, антички уметнички предмет, како грчка ваза, поставен во дијалог со современо модно парче инспирирано од истиот визуелен код. Со тоа, музејот го превртува досегашниот пристап: наместо модата да се анализира низ призмата на уметноста, сега уметноста ќе се разгледува низ модниот јазик.
Мет гала и годинава останува настан со престижен, речиси недостижен карактер. Во минатото, поединечна влезница достигнувала цена од околу 50.000 долари, додека маса за гости чинела и над 300.000 долари. Но, токму таа ексклузивност, заедно со внимателно осмислената тема, го прави настанот најочекуваниот моден спектакл во годината.
ФОТО | Мет гала: Светските ѕвезди блеснаа во модни креации како омаж на црнечкиот денди-стил


