Објавена листа на 10 градови што се најдобри за живеење на странци во 2026 година
Како што сè повеќе луѓе се селат во странство поради работа, подобар квалитет на животот и пофлексибилниот начин на работа, ново глобално истражување се фокусирало на градовите што се најдобри за живеење на странците.
Препорачано
Земени се предвид здравствениот систем, безбедноста, трошоците за живот и леснотијата на прилагодување, при што европските градови доминираат на врвот на листата.
Консултантската компанијата „Глобал ситизен солушнс“ ја објави својата прва листа на најпријатни градови за живеење на странци, анализирајќи 35 градови на шест континенти, пренесува „Еуроњуз“.
Оценети се седум клучни критериуми: трошоци за животот, безбедноса, квалитет на воздухот, здравство, леснотија на прилагодување, познавање на англискиот јазик, како и мобилноста, односно можностите за патување и јачината на пасошот.
Податоците биле собрани од јавно достапните бази, а секој град добил оценка од нула до 100. Најголема тежина имале безбедноста и здравствениот систем, што покажува колку се важни при долгорочното преселување.
На крајот, Лисабон го освоил првото место, додека Амстердам тесно го победил Мелбурн и го зазел второто место. Меѓу десетте најдобри градови, дури пет се од Европа.
10 најпријатни градови за живеење за странци
Лисабон, Португалија – 88,49/100
Амстердам, Холандија – 81,97/100
Мелбурн, Австралија – 81,79/100
Виена, Австрија – 81,07/100
Барселона, Шпанија – 80,7/100
Сингапур – 80,58
Окланд, Нов Зеланд – 80,15
Токио, Јапонија – 79,78
Копенхаген, Данска – 79,57
Сеул, Јужна Кореја – 78,89
Зошто Лисабон е најдобар?
Главниот град на Португалија го зазеде првото место благодарение на добрите резултати во речиси сите категории, а не доминацијата само во една.
Лисабон е меѓу попристапните градови на листата, со пониски трошоци за живот од градовите како Виена, Амстердам или Копенхаген.
Градот има високо ниво на познавање на англискиот јазик, квалитетен воздух и високо ниво на безбедност, подобро од многу други европски градови.
Дополнителна предност се бројните опции за легален престој на странци, вклучувајќи ги визите за дигиталните номади и програмите за престој преку инвестициите, што го прави особено привлечен за иселениците.
Амстердам е одличен, но скап
И Амстердам постигнува високи оценки во речиси сите категории. Главниот град на Холандија е познат по својата безбедност, квалитетното здравство и чистиот воздух, а особено се издвојува со прилагоденоста кон меѓународните жители.
Истражувањето покажало дека Амстердам има највисоко ниво на познавање на англискиот јазик меѓу европските градови на листата, поради што јазичните бариери во секојдневниот живот и администрацијата се минимални.
Градот е познат и по својот живот без автомобили – повеќе од 70 отсто од сите патувања помеѓу 2015 и 2022 година биле направени пеш, со велосипед или со јавен превоз.
Сепак, најголемиот недостаток на Амстердам се високите трошоци за живот, поради кои многу странци тешко можат да си дозволат да живеат во тој град.
Мелбурн – единствениот неевропски град што влезе во првите пет
Австралискиот Мелбурн е единствениот град надвор од Европа во првите пет. Особено се истакнува по високото ниво на познавање на англискиот јазик, кое го дели со градовите како Сингапур, Окланд и Ванкувер, а воедно е и еден од градовите со најчист воздух.
Мелбурн нуди квалитетно здравство, стабилна власт и развиена инфраструктура, што обезбедува висок животен стандард и го прави многу популарен меѓу странците од другите земји со англиско говорно подрачје.
Негова слаба точка е безбедноста, која е, сепак, нешто пониска отколку во водечките европски градови.
Рај за туристите: Европски град прогласен за најсреќно место на светот за посета


