Рај за туристите: Европски град прогласен за најсреќно место на светот за посета
Патувањата понекогаш можат да бидат стресни. Иако вреди да се поминат неколку напорни дена за да се открие место што може да го промени животот, не сме секогаш во потрага по таква трансформација. Понекогаш едноставно сакаме одмор кој ќе ни помогне да се опуштиме и да се вратиме дома со насмевка на лицето.
Препорачано
Токму за ваквите патници, агенцијата за јога патувања „БукРитритс“ го разви „Индексот на среќа на одмор“. Истражувањето спореди 47 популарни светски дестинации според пет клучни критериуми: бројот на сончеви часови, квалитетот на сонот, здрава исхрана, достапноста на природата и можностите за вежбање, пишува „Тајм аут“.
Најсреќниот град за посета
По детална анализа на податоците, португалската престолнина Лисабон го зазеде првото место како најсреќен град за посета. Според „БукРитритс“, Лисабон „се истакнува со повеќе фактори кои придонесуваат за добро чувство“, а како посебен адут се наведува храната. Гастрономската понуда на португалската престолнина, богата со здрави ресторани, ја смести на високото второ место во таа категорија.
Исто така, градот е опишан како „компактен и лесен за пешачење“, а стрмните улици, иако можеби предизвикувачки по обилен оброк, помагаат во одржување на формата.
Над сè, Лисабон нуди изобилство од зелени површини, речиси четири пати повеќе од Мадрид, и импресивни 2828 сончеви часови годишно. Накратко, градот постигнува високи оценки во сите аспекти на Индексот на среќа, што го прави јасен победник.
Интересни факти за Лисабон
Еден од најстарите градови во Европа – Лисабон е еден од најстарите постојано населени градови во западна Европа. Првите траги од населби датираат од околу 1200 година пред нашата ера, кога бил населен од Феникијците.
Втората најстара престолнина на Европа – По Атина, Лисабон често се наведува како втора најстара престолнина во Европа која и денес има статус на главен град.
Сместен на седум ридови – Градот е изграден на седум ридови, што го прави неговиот пејзаж исклучително разновиден. Улиците се тесни, стрмни и често поплочени со скали, а градот е познат по бројните видиковци – „мирадоурос“ – од кои се пружаат спектакуларни глетки.
До реката и морето – Лисабон е единствениот европски главен град сместен на устието на голема река, Тежо, и во непосредна близина на Атлантскиот Океан.
Земјотресот од 1755 година – пресвртница во историјата на градот – Големиот земјотрес од 1 ноември 1755 година речиси целосно го уништил Лисабон. Обновата на градот била спроведена според планот на маркизот де Помбал, а резултат се првите големи урбанистички реформи и пионерските обиди за сеизмички отпорна градба.
Кулата Белем – симбол на поморската ера – „Торе де Белем“, изградена во 16 век, била клучна фортификација и церемонијална порта на Лисабон. Денес е симбол на славната португалска ера на поморски откритија, а нејзината архитектура ги спојува мануелинскиот стил и маварските елементи.
Музеј на плочки – „Музеу насионал до Азулежо“ – Во Лисабон се наоѓа националниот музеј посветен на „азулежос“ – традиционалните португалски плочки кои се важен дел од културниот идентитет на земјата и незаобиколен мотив во лисабонската архитектура.
Бои, плочки и декорација – Лисабон е познат по своите шарени фасади украсени со керамички плочки. „Азулежос“ ги красат куќите, палатите, црквите, па дури и станиците на подземната железница, создавајќи уникатна визуелна естетика.
Експо ’98 и новото лице на градот – Светската изложба Експо ’98 беше пресвртница во современиот развој на Лисабон. Тогаш беа изградени мостот Васко да Гама и модерниот градски кварт „Парке дас Насоес“, со што градот доби ново, современо лице.
Хелсинки нуди бегство во природа
На второ место се најде Хелсинки, кој особено се истакна во категоријата „поврзаност со природата“. Финска е позната како среќна земја, па не е чудно што нејзиниот главен град се позиционираше високо. „БукРитритс“ ги истакнува „бујните паркови и булевари со дрвореди“ кои „беспрекорно се спојуваат со шумските патеки“. Се наведува и дека „мирното темпо на живот“ во Хелсинки е идеално за патниците кои бараат опуштачки одмор.
Третото место го зазеде Орландо на Флорида. Ако успеете да ги избегнете гужвите, овој град може да понуди изненадувачки опуштачко искуство. Иако е познат по тематските паркови, Орландо може да се пофали и со бројни зелени површини, плажи и сонце во текот на целата година.
Топ пет најсреќни дестинации за одмор
- Лисабон, Португалија
- Хелсинки, Финска
- Орландо, Флорида
- Атина, Грција
- Единбург, Шкотска


