Нова студија: Редовното консумирање 100 отсто природен овошен сок влијае врз зголемувањето на телесната тежина
Нова студија открива дека консумирањето една или повеќе чаши 100 отсто природен овошен сок дневно е поврзано со мало зголемување на телесната тежина кај децата и возрасните. Како што вели експертот за исхрана од Харвард, Волтер Вилет, фундаменталниот проблем со овошниот сок е количината, бидејќи со овој начин на консумирање овошје полесно се доаѓа до прејадување, пишува „Си-ен-ен“.
Препорачано
„На пример, колку често јадеме три портокали? Има околу три портокали исцедени во чаша сок, а можеме да ги испиеме за минута или две и потоа да си дотуриме уште повеќе. Ова носи многу калории и доведува до раст на гликозата во крвта“, објасни тој.
Со текот на времето, премногу шеќер во крвта може да доведе до отпорност на инсулин, дијабетес, срцеви заболувања, дебелина и други хронични заболувања.
„Иако заклучоците од студијата не покажаа директна причинска поврзаност, наодите се сосема валидни и се совпаѓаат со она што го гледаме клинички“, вели педијатрискиот ендокринолог Тамара Ханон од Американската академија за педијатрија.
Поради загриженоста за зголемувањето на тежината и расипувањето на забите кај децата, експертите ги советуваат родителите да избегнуваат да даваат овошен сок на бебиња под една година и да го ограничат консумирањето кај постарите деца.
„Нема здравствена причина да консумира сок наместо овошје и зеленчук, освен ако вашето дете не може да го толерира тој тип на исхрана поради некоја причина“, додава Ханон.
Според експертите, тинејџерите и возрасните не треба да пијат повеќе од 200 мл овошен сок дневно. Сокот не треба да се смета за здрав начин за гасење жед, бидејќи водата првенствено ја има оваа функција.
Некои можеби се запрашале како 100 отсто природниот овошен сок може да му наштети на телото – овошјето е здраво, нели? Но, постои разлика помеѓу овошјето и неговиот сок.
„Целото овошје и зеленчук се преполни со хранливи материи – јаглени хидрати, протеини, масти, минерали и витамини кои се наоѓаат во влакната. Кога го отстрануваме производот, ги одземаме влакната и структурните делови на храната, а нашето тело ја вари и метаболизира поинаку отколку што еволуирало за да го стори тоа. На пример, ако изедеме цело јаболко, нивото на шеќер во крвта не се зголемува бидејќи фруктозата, шеќер кој природно се наоѓа во овошјето и некои зеленчуци, полека се ослободува во крвта. Меѓутоа, кога пиеме сок од јаболко, крвта ја преплавуваме со фруктоза“, рече Ханон.
Во судијата, научниците анализираа други 42 студии, односно 17 студии поврзани со деца и 25 со возрасни. Тие откриле дека кај децата, секоја дополнителна дневна порција од 100 отсто овошен сок е поврзана со 0,03 повисок индекс на телесна тежина. Кај возрасните, забележана е помала промена од 0,02.
„Иако овие промени во индексот на телесна маса не изгледаат значајни, кога ќе го предвидите на целата светска популација, тоа има огромно влијание. Особено затоа што повеќето луѓе не пијат 100 мл овошен сок дневно, што е стандардна порција. Тие пијат 500, 600, 700 мл сок дневно, што потоа се поврзува со значително зголемување на телесната тежина“, рече Ханон.


