Ништо не ја запира крвавата спирала масовни пукања во Америка

САД полиција/ Фото EPA-EFE/DAVID SWANSON

Лани низ САД имало 647 масовни пукања, а годинава веќе има 39 – ако не стивне крвавиот тренд од првата половина на јануари, до крајот на 2023 година би можело да има повеќе од 730 инциденти со огнено оружје во кои биле убиени или ранети најмалку четири лица

Америка поминува низ најкрвавиот бран масовни убиства и напади со огнено оружје во изминатите 73 години, откако се води статистика.

Во првите 19 дена од 2023 година низ САД имало 39 „масовни пукања“ – дефинирани како инцидент во кој со огнено оружје биле застрелани најмалку четири луѓе, не сметајќи го напаѓачот. Само во период од 48 часа, од саботата до понеделникот вечер, имало три вакви инциденти при што биле убиени вкупно 19 луѓе и сите биле извршени во сојузната држава Калифорнија. Црната серија почна со нападот врз дискотеката во Монтереј Парк, каде што беа убиени 11 луѓе и ранети уште десетина на прослава на Лунарната нова година. Осомничениот напаѓач, на возраст од 72 години, беше пронајден еден ден подоцна со прострелна рана што прилегала на самоубиство. Полицијата смета дека тој дејствувал сам, но сѐ уште настојува да го утврди неговиот мотив.

Со прославата на Лунарната нова година се поврзува и нападот во понеделникот во Халф Мун Беј, кога смртно беа ранети седум луѓе на фарма за печурки и бродска компанија јужно од Сан Франциско. Осомничениот пукач Чанг Ли Ѕао (67) не дал отпор при апсењето. Неговиот автомобил бил откриен на паркинг пред полициската станица во округот Сан Матео.

Во меѓувреме уште едно лице биле убиено, а седуммина ранети, во напад кај бензинска пумпа во Оукленд, исто така во регионот на Сан Франциско.

Жителите во целиот регион се згрозени од нападите, но воедно се и вознемирени, бидејќи инцидентите се нижат побрзо отколку што полицијата може да соопшти детали. Дури и медиумите имаат тешкотии да ги разграничат масовните пукања, кои годинава ги има просечно по две на секој ден.

– Во време на културна прослава, уште една заедница е раскината од бесчувствителните насилства со огнено оружје. Сите ние во оваа соба и сите ние во оваа земја разбираме дека ова насилство мора да запре – изјави во неделата потпретседателката Камала Харис во обраќање во Талахаси на Флорида. Веќе следниот ден имаше уште два крвави инциденти.

Протест САД против насилство/ Фото EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Смртоносни низи во ноември и јануари

Повикот на Харис не е и прв од демократските функционери насочен кон воведување построги контроли на оружјето, кое во многу сојузни држави може слободно да се купи во продавница без каква било контрола на купувачот. Повиците вообичаено се најгласни на деновите кога ќе бидат убиени многу луѓе, но ниту властите направиле конкретни и решителни мерки ниту трендот запира. Напротив.

Непрофитната организација Архива на насилства со оружје наведува дека до понеделникот имало 38 пријавени инциденти што ги исполнуваат критериумите. Нападот во Монтереј Парк беше со најмногу жртви од масовното пукање во Јувалди во Тексас лани во мај, кога беа убиени 19 деца и наставници. Пред изминатите три дена, најкрвавиот период беше пред два месеца.

На 16 јануари во Гошен, во Калифорнија, напаѓач смртно застрела шест луѓе, вклучувајќи и 16-годишна млада мајка и нејзиното десетмесечно бебе. Полицијата заклучи дека тој инцидент бил поради пресметка меѓу банди. На 22 ноември во Чесапик во Вирџинија вработен во „Волмарт“ отвори оган врз колегите што го затворале супермаркетот, убивајќи шест луѓе. Напаѓачот бил пронајден мртов, од прострелна рана што самиот си ја задал. На 20 ноември во Колорадо Спрингс вооружен маж уби пет луѓе и рани 17 отворајќи оган врз гости во ноќен клуб популарен меѓу хомосексуалци. Напаѓачот бил повреден и уапсен. На 13 ноември во Шарлотсвил во Вирџинија тројца студенти и членови на фудбалски тим биле убиени и уште двајца биле ранети од поранешен соиграч. На 13 октомври во Роли во Северна Каролина напаѓач идентификуван како „млад белец“ уби пет луѓе, вклучувајќи и полицаец што не бил на должност. На 7 септември во Мемфис во Тенеси беше прогласен полициски час додека полицијата го гонела 19-годишно вооружено момче што својот убиствен поход го пренесувало директно на Фејсбук. Беа убиени четири лица и неколкумина беа ранети. На парадата по повод Денот на независноста во Хајленд Парк кај Чикаго вооружен 21-годишен маж уби седум луѓе и рани уште десетици, пред да биде уапсен неколку часа подоцна.

САД убиство/ Фото EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Во приватни арсенали 393 милиони пиштоли и пушки

Мерките за изолација воведени поради пандемијата на ковид-19 не само што не го намалија бројот на масовни пукања, туку и значително го зголемија. Во 2019 година, пред пандемијата, имало рекорден број од 417 пукања во кои биле застрелани повеќе од четири лица. Во 2020 година тој рекорд скокнал на 610, а во 2021 година се искачил на 690. Лани низ САД имало 647 масовни пукања, а ако не стивне крвавиот тренд од првата половина на јануари, до крајот на 2023 година би можело да има повеќе од 730 инциденти со огнено оружје во кои биле убиени или ранети најмалку четири лица. Тоа би било трипати повеќе инциденти во споредба со периодот пред десет години.

Слободниот пристап до оружјето е посочено како главната причина за бројот на инцидентите. Во приватни арсенали во Америка лани имало 393 милиони парчиња пиштоли или пушки, што значи дека секој жител на САД просечно поседува по 1,2 парче огнено оружје. Ниту една друга земја во светот нема повеќе пушки или пиштоли отколку што има жители. Анкета на агенцијата „Галуп“ од октомври покажа дека дури 45 отсто од жителите на САД изјавиле дека поседуваат оружје во својот дом.

Другите демократски земји со изразена традиција на оружје во изминатите години презедоа решителни чекори за да го ограничат пристапот до пушки и пиштоли. Две недели по најкрвавото масовно пукање во историјата, Австралија забрани продажба на сачмарки и брзострелни пушки, по што во следните десет години бројот на инциденти беше преполовен. И Јужна Африка постигна идентичен резултат откако во 2004 година воведе построги закони за поседување оружје. Нов Зеланд итно воведе нови мерки неполни 24 часа по масакрот во џамијата во Крајстчрч во 2019 година, кога беа убиени повеќе од 50 луѓе. Обединетото Кралство ги заостри законите и практично забрани приватно поседување рачно оружје по масовното пукање во 1996 година. За една година бројот на инциденти се намали за 25 отсто.

Милион убиени луѓе

Прострелни рани сега се главната причина за смрт меѓу Американците на возраст помеѓу 18 и 24 години. Отворената мрежа „ЏАМА“ што ги истражува инцидентите низ историјата тврди дека во изминатите три децении со истрели биле убиени повеќе од 1 милион луѓе, при што повеќе од една половина од случаите се самоубиства.

Убедливо најмногу луѓе, дури 19.384, биле убиени од огнено оружје во Америка во 2020 година. Згора на овие жртви, имало и 24.292 самоубиства со пиштол или пушка, 535 луѓе загинале од ненамерни истрели, 611 лица биле застрелени од служби за безбедност и уште 400 загинале при неразјаснети случаи.

За споредба, во 2020 година во Америка имало 5.192 убиства и 21.687 самоубиства со други оружја и средства.

Особено загрижувачки е бројот на инциденти со огнено оружје меѓу младата афроамериканска популација на возраст помеѓу 20 и 24 години. Во периодот по 1991 година во оваа категорија имало по 142 убиени на секои 100.000 лица, што е десетпати повеќе во споредба со другите категории Американци.

Видео на денот