Невработените мајки заборавени, градинките се уште работат по протокол од 2020 година

EPA-EFE
Градинките ги отворија вратите за децата / Скопје, 9 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Работата во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст се уште се одвива согласно Протоколот кој на предлог на Комисијата за заразни болести беше усвоен од Владата на 29.05.2020 година.

И покрај тоа што изминатиов период Комисијата за заразни болести предложи олабавување на неколку мерки меѓу кои беше и престанок на обврската за носење маски во основните училишта, никој досега не ги споменува протоколите во градинките кои го ограничваат бројот на деца во една група.

Според старите правила, се уште им е забрането на невработените мајки да ги запишуваат во градинка децата, со оправдување дека треба да остават место за родителите кои одат на работа и на кои нема кој да им ги чува децата.

После двегодишно трпеливо чекање да заврши пандемијата и да се намали бројот на заразени, денеска до редакцијата на Слободен печат пристигна писмо на револтирана мајка која вели дека крајно време е некој да се погрижи градинките да се вратат во „нормала“.

– Јас повеќе од две години ги чувам моите две деца дома, невработена сум и поради тоа не ги примаат во градинка со образложение дека треба да отстапам место на децата чии родители се вработени. Тоа е во ред, но и ние што сме невработени треба да најдеме работа, а за да најдеме работа треба прво да ни бидат згрижени децата. Јас досега имав разбирање бидејќи беше пандемија, но сега кога многу мерки се олабавија и кога сите ресторани и други објекти работат со полн капацитет, мислам дека е време и градинките да почнат да работат како во времето пред пандемијата, вели Светлана од Скопје.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека веќе размислувале за можноста да се зголемат групите во градинките, за што испратиле и барање до Комисијата за заразни болести.

– Согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, но и јасните показатели од градинките дека веќе подолг временски период нема внатрешна трансмисија на Ковид-19 како и барањата и потребите на родителите на децата, од страна на Министерството за труд и социјална политика испратено е барање за зголемување на бројот на деца во групите до Комисијата за заразни болести и во моментот чекаме покана за состанок и се надеваме на позитивен одговор на нашето барање за зголемување на бројот на децата како пред пандемијата со Ковид-19, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Од Комисијата за заразни болести пак, велат дека досега кај нив не е испратено такво барање.

– Досега Комисијата дискутираше за сите испратени барања. Ако во меѓувреме, до следниот состанок на Комисијата стигне и ова барање, ќе дискутираме за истото, но не можам од сега да кажам каква ќе биде препораката, рече д-р Злате Мехмедовиќ во изјава за Слободен печат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот