Фото: Бојан Шашевски / Слободен печат

Нестручни судии, институции без „свиркачи“ и корупција во здравството – Транспаренси ги објави „матните“ случувања од март

Транспаренси интернешнл – Македонија, во рамки на редовната месечна активност за следење коруптивни случаи, од изминатиов март регистрира повеќе „матни“ настани. Меѓу нив се и коруптивните однесувња во здравството, каде од пациентите се барале пари или подароци за побрзо и полесно да добијат здравствена услуга.

Транспаренси потсетуваат на истражувањето на ЕСЕ, кое покажа дека околу 200 од вкупно 1.240 анкетирани лица биле сведоци на корупција во здравствениот систем. На специјалистите најмногу „им лепи“ раката во здравството, а тројца доктори, мажи, им побарале сексуални услуги на пациенти за да им пружат здравствена услуги.

На специјалистите најмногу „им лепи рачето“, а тројца доктори побарале секс за да пружат здравствена услуга

Понатаму, во барометарот на корупција за март ја ставаат темата за која пишуваше „Слободен печат“ – институциите „не ги фермаат“ укажувачите и само една петтина имаат назначено луѓе за пријави од „свиркачи“. Иако „свиркачите“ се меѓу најефективните за разоткривање и борба против корупција, од вкупно 1.320 институции, бројот на оние што имаат овластено луѓе за пријави од укажувачи е 270, што е само 20 отсто.

Само 27 пријави од „свиркачи“ се евидентирани низ целата ланска година, што значи дека граѓаните не се охрабрени да кажуваат за корупција и системски аномалии. До Антикорупциска лани стигнале 15 пријави од надворешни укажувачи.

Институциите „не ги фермаат“ укажувачите, само една петтина имаат назначено луѓе за пријави од „свиркачи“

 

Во баромарарот се ставени и извештаите на Државниот завод за ревизија. Оттаму најдоа дека кај Министерството за односи меѓу заедниците во 2024 година се „здиплени“ околу 30 лаптопи, а 61 процент од 244 вкупно вработени во институцијата можеби одат на работа, а можеби и не одат. Исто така, горивото се точи без да се знае во чии резервоари, со што се отвора сомнежот дека можеби се полнат приватни резервоари и по пописот фалат средства во износ од 25 милиони евра.

Некој здиплил 30 лаптопи од Министерството за односи меѓу заедниците, бензин се точело „кому иде“, а тендерите се посебна приказна

Од Транспаренси потсетуваат дека Државниот инспекторат за градежништво остана без инспектори, а оваа институцијата осум години нема директор. Практично, недостасуваат луѓе за да вршат инспекциски надзор во градежништвото, бидејќи последниот инспектор кој работел на тоа исполнил услови за пензија на крајот на 2025 година.

Инспекторатот за градежништво треба да спречува дивоградби и урбанистички хаос, а кубури со инспектори, утврдија ревизорите

Ревизорите открија и сериозни нерегуларности во ДИК за изборите во 2024 година, кои ги чинеа граѓаните 23 милиони евра. Ревизорскиот извештај за 2024 година, т.е. за време на претседателските и парламентарните избори, откри незаконска распределба на средствата за изборна кампања, преку спроведување на набавки надвор од Законот за јавни набавки, сè до немање соодветни услови за чување на доверливиот материјал.

Ревизија бара да се преиспита како се распределуваат парите за реклами на изборите

Исто така, во барометарот се и случувањата во Апелацискиот суд Скопје каде што предмети биле чувани во фиока до застарување. Имало сериозни сомнежи за нестручно и несовесно постапување на судии од Апелација поради неразумно оддолжување на судските постапки, што резултирало со апсолутна застареност на предмети, констатираше Судскиот совет.

Судијата Ристов чувал предмети во фиока за да застарат, утврди Судскиот совет

Во „матните“ е и случајот за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, за кој исто така пишуваше „Слободен печат“. Тој се сомничи дека примил поткуп од 50.000 евра како прва рата од вкупно побарани 100.000 евра. Според информациите од МВР, осомничениот, во својство на службено лице, преку шпедитер индиректно побарал поткуп од сопственик на фирма што се занимава со увоз.

Истражители ја „тресат“ Агенцијата за поддршка на земјоделството, некој пријавил поткуп

Транспаренси објави и „бистри“ настани од март. Уставниот суд објави дека седниците ќе ги пренесува во живо, што би донело поголема транспарентност и исчекор кон институционална отвореност.

Исто така, Антикорупциска поведува постапки против 234 советници избрани во општините во државата, кои не поднеле изјава за имот.

Воедно, Финансиска полиција поднесе кривична за поранешниот директор на „Комунална хигиена“. Тој овозможил физички лица да стекнат корист од 68.500 евра. Се товари за три кривични дела злоупотреба на службената положба, фалсификување исправа и проневера во службата – во обид.

Ексдиректорот на „Комунална“, Рустеми, е осомничен за злоупотреби со договори вредни 68.500 евра

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот