Судијата Ристов чувал предмети во фиока за да застарат, утврди Судскиот совет
Предмети биле чувани во фиока до застарување, сериозни сомнежи за нестручно и несовесно постапување на судии од Апелациониот суд Скопје поради неразумно оддолжување на судските постапки, што резултирало со апсолутна застареност на предмети, констатираше Судскиот совет.
Препорачано
Иако во Судскиот совет не се кажа дека станува збор за судијата Ѓоко Ристов, бидејќи беа поднесувани анонимни претставки до Судскиот совет за него, а беа обелоденети откако Ристов заврши во притвор и му беа најдени 350 илјади евра заѕидани во кујна, во куќата на неговите родители.
На седницата беше усвоен и извештајот од посетата на Апелациониот суд Скопје, презентиран од судијката Антоанета Димовска, кој произлезе по анонимна претставка за работата на еден судија. Работната група констатирала пречекорување на роковите за објавување пресуда, како и неоправдани одложувања на јавните седници по барање на бранителите, со што им се овозможувало на обвинетите подолго да останат во куќен притвор.
За едно од констатираните прекршувања при објавата на пресудата, во извештајот било наведено дека таквото постапување ја повредува одредбата на член 405 став 1 од Законот за кривичната постапка, кој утврдува „откако судот ќе ја изрече пресудата, претседателот на советот веднаш ќе ја објави; ако судот нема можност да ја изрече пресудата истиот ден по завршувањето на главната расправа, ќе го одложи објавувањето на пресудата најмногу за три дена и ќе го определи времето и местото на објавувањето на пресудата“.
Во продолжение, членката на Советот Сузана Јошевска го презентираше извештајот за постапувањето на судија од Апелациониот суд Скопје во два предмети кои, како што рече, биле познати во јавноста.
За првиот предмет, Јошевска рече дека е утврдено оти настапила апсолутна застареност на 30 декември 2025 година, откако предметот бил пред Апелациониот суд речиси година и пол, во текот на кои биле закажани вкупно 16 јавни расправи. Станува збор за предметот „Спец каса“ кој го водеше поранешното СЈО. Во вториот предмет, пак, додаде дека застарувањето било спречено исклучиво поради итното и ажурно постапување на Врховниот суд.
– Од тие причини, се констатира дека постојат одредени сомневања за несовесно постапување на судијата, бидејќи не сторил доволно напори предметот да биде завршен навремено, така што кривичниот прогон да не биде доведен во опасност од апсолутна застареност – рече Јошевска-Анастасовска.
По презентацијата на извештаите, членовите на Судскиот совет развија подолга дискусија околу тоа дали работните групи треба да предлагаат конкретни заклучоци и мерки по констатираните состојби или нивната задача е само утврдување на фактичката состојба. Дел од членовите реагираа дека не е доволно извештаите да содржат само наводи за сомнежи, туку е потребен конкретен предлог за понатамошно постапување за утврдување одговорност. На тоа беше возвратено дека работната група не може да прејудицира и да носи заклучок за поднесување барање за одговорност, туку тоа е право на секој член на Советот поединечно откако ќе се запознае со фактите.
И покрај дебатата за начинот на кој се формулираат заклучоците, Судскиот совет ги усвои извештаите од извршените увиди на работните групи.


