На специјалистите најмногу „им лепи рачето“, а тројца доктори побарале секс за да пружат здравствена услуга
На специјалистите најмногу „им лепи“ рачето во македонското државно здравство, а тројца доктори, мажи, им побарале сексуални услуги на пациенти за да им пружат здравствена услуга, покажа најновото истражување на граѓанската организација ЕСЕ (Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените). Во истражувањето учествувале 1040 испитаници преку телефонска анкета, а имало и 90 испитанички во фокус-групи во Прилеп, Битола, Штип, Свети Николе, Куманово и Тетово.
Препорачано
Меѓу тројцата испитаници што изјавиле дека им била побарана сексуална услуга за да добијат здравствена грижа, еднаш тоа се случило кај матичен лекар, еднаш кај гинеколог и еднаш во рамките на специјалистички преглед.
Истражувањето покажува дека граѓаните ја перцепираат корупцијата како сериозен проблем, а државата не прави доволно да ја намали.
Најкритично поле за корупција се операциите. Една од учесничките во фокус-групите посочила дека нејзиниот сопруг бил принуден да плати одредена сума пари, која му ја предал на назначениот доктор во кафе-бар во Битола. Откако ги зел парите, докторот веднаш обезбедил термин и операциона сала за детето, а пред тоа семејството било информирано дека „нема слободна сала, анестезиолози и општи услови за изведување на оперативниот зафат“.
-Ние кога ќе појдеме на лекар веќе сме спремни – дали кредит да земеме со намера да се најде термин и да платиш. Битно е нешто да понудиш. Како функционира здравството, некој и јајца од дома ќе понесе за да биде побрзо, одговорила една од испитаничките, како што пишува во извештајот.
Дел од испитаниците кажувале дека во болницата во Штип купувале пастрмајлии за сите после породување, но имало и ситуации каде митото било за спасување на живот, а не зашто нов дошол на овој свет.
– Детето мое имаше коскен тумор. Одам во неврохирургија, докторот ми вели дека снимката не била добра, да го снимам во Скопје и го прашав докторот ако треба да се плати, кажи ми. Потоа појдов кај друг доктор, и тој истото ми го рече и се вратив кај првиот доктор. Мажот ми појде во еден кафич и му ги даде парите на докторот. Откако му ги дадовме парите, веднаш се најде термин за операција, а претходно ми велеа дека нема термин, нема анестезиолог, рекла друга испитаничка.
Ниеден од испитаниците што одговориле дека им било барано мито, не пријавил, што според истражувањето на ЕСЕ, значи дека функционира културата на молчење во која граѓаните почесто избираат „да платат и да завршат работа“ отколку да се соочат со неизвесност и со потенцијални негативни последици – знаат дека така ќе им се затворат вратите за добивање здравствена услуга следниот пат.
Во најнеповолна ситуација се граѓаните кои имаат потреба од брзо обезбедување термини, дијагностички услуги и хоспитализација и оперативни зафати. Ваквите услуги често не се добиваат, или не се обезбедуваат во соодветен временски тек, сè додека не се плати поткуп. Иако директното барање корупција е ретко, учесничките ги опишуваат овие практики како „јавна тајна“, при што давањето пари или подарок значително го забрзува обезбедувањето на услугата, додека пациентите без „личен придонес“ со месеци чекаат термин. Овие искуства создаваат чувство на несигурност и страв кај пациентите, кои истакнуваат дека често „се плашат да одат на лекар“, бидејќи не знаат колку ќе ги чини услугата, и дали, без дополнително плаќање ќе добијат навремена и квалитетна грижа.
-Мито дадовме, до вечер операцијата беше направена. Кажаа ако ноќта не се направела операцијата, до утрината ќе починел. Дадовме пари инаку ќе го вратеа во болницата во Штип, гласи еден од одговорите во фокус-групата на истражувањето на ЕСЕ.
Има и други поразителни одговори – дека на пациентка ѝ побарале 20 евра за да ја вметнат на листа за ултразвук.

И лекарите бараат, не е дека само им се нуди
Кога станува збор за побарување корупција од страна на здравствени работници, 89,7 проценти од анкетираните изјавиле дека изминатата година не им била побарана никаква форма на корупција при користење здравствени услуги. Сепак, 6,5 проценти од испитаниците пријавиле дека им била побарана корупција, а 3,8 проценти одбиле да одговорат што може да значи дека им е страв да одговорат.
Голем дел од испитаничките посочиле дека е тешко да се добие брз термин за операција, без користењето на„врски“ или без плаќање поткуп во некаква форма.
Корупцијата е толку честа и длабоко вкоренета во секојдневното функционирање на здравствениот систем, што за многумина станува очекуван, дури и прифатен дел од процесот на добивање здравствена услуга. Пациентите често ја поистоветуваат корупцијата со израз на благодарност, сметајќи дека мал подарок или услуга по завршен преглед претставува нормален гест, а не форма на поткуп, пишува во извештајот на ЕСЕ.
Според одговорите најчесто на пациентите им се барале пари – во 62 проценти, а потоа следуваат подароците во 20 проценти од случаите.

Кога станува збор за подароци (по добивањето на здравствени услуги), наодите од фокус-групите укажуваат на две тенденции. Првата се однесува на чувството на обврска или должност кај граѓаните да дадат подарок по завршената услуга како знак на благодарност за истата.
Ова особено беше истакнато при користењето на гинеколошко-акушерски услуги, при што според испитаниците, ваквите практики не се сметаат за корупција. Втората тенденција се однесува на давање подарок по добивањето на услугите, но по иницијатива и барање на здравствените работници.
Според испитаниците, ваквите барања често се искажуваат неформално, односно преку сугерирање дека пациентот треба „да ги почести“ работниците. Овие неформални барања се особено проблематични, бидејќи пациентите може да се почувствуваат принудени да дадат подарок со цел да обезбедат подобар пристап до здравствена услуга во иднина, доколку им биде потребна, или за да избегнат негативни социјални последици.
Ова е особено изразено во помалите населени места, каде личните контакти имаат позначително влијание врз пристапот до јавни услуги, пишува во извештајот.
Специјалистите „најнеоперирани“ од мито
Според податоците корупцијата најчесто се појавува при контакт со доктори специјалисти (59,3 проценти), што укажува дека овие услуги, кои често бараат упат и подолги листи на чекање, се најподложни на
неформални плаќања. Висока застапеност на корупција има и при оперативни или хируршки зафати (33,9 проценти) и болничко лекување (32,2 проценти), што дополнително потврдува дека корупцијата најчесто се јавува во ситуации каде здравствените услуги се посложени или потешко достапни. Помал, но значаен дел од испитаниците пријавиле коруптивно искуство при гинеколошки услуги (11,9 % – 21,9 % од жените) и услуги поврзани со бременост и породување (3,4 %), додека итната помош и матичниот лекар (по 1,7 %) се најретко спомнувани во овој контекст.

Матичните гинеколози незаконски наплаќаат, ама никој не ги гледа
Една четвртина од жените (25,3 %) пријавиле коруптивно искуство при користење на гинеколошко акушерска здравствена заштита, од кои 21,9 % при користење на гинеколошки услуги, а 3,4 % при
користење услуги поврзани со бременост и породување. Овие состојби особено негативно влијаат врз жените од руралните средини и жените кои живеат во неповолни социоекономски услови.
Илустративен е случајот во Куманово, каде што беа обвинети 36 лица за корупција при добивање инвалидски пензии, при што се злоупотребувале службени позиции за обезбедување незаконски права на одредени лица.
Според истражувањето лицата што најчесто се идентификуваат како вклучени во коруптивни практики се мажи. Оваа распределба не укажува дека полот е пресуден фактор за корупција, туку дека мажите почесто се наоѓаат во позиции коишто ја овозможуваат или олеснуваат злоупотребата, се наведува во истражувањето.

Податоците од телефонското анкетирање покажуваат дека жените не доволно ја перципираат како коруптивна практика незаконската наплата од страна на матичните гинеколози за услуги кои, согласно подзаконските акти на Фондот за здравствено осигурување се бесплатни за пациентките, како што се гинеколошки преглед, ехографски преглед и колпоскопија. Имено, само 6,8 проценти од сите испитаници ги навеле неформалните плаќања како вид на корупција која им била побарана. Додека претходните истражувања на Здружението ЕСЕ покажаа дека 94 проценти од жените од руралните средини и 95 проценти од жените Ромки изјавиле дека матичниот гинеколог им ги наплатил прегледите при нивната последна посета. Оваа состојба укажува на нормализација на незаконските наплати.
Особено загрижувачки е исказот на учесничка од фокус-групата во Прилеп, која наведе дека не е во можност да ги изврши сите потребни медицински испитувања за време на бременоста поради финансиски причини. Имајќи предвид дека, согласно подзаконските акти на Министерството за здравство и ФЗОМ сите прегледи поврзани со бременост се бесплатни, очигледно е дека станува збор за неформални плаќања. Ваквите искуства јасно укажуваат на системска пракса на незаконско наплаќање од страна
на давателите на здравствени услуги, матичните гинеколози, со директни последици врз здравјето и безбедноста на жените, се вели во истражувањето.
Жените што се бремени или имаат мали деца се ранливи да подмитуваат
Меѓу жените кои лично имале искуство со корупција во здравствениот систем (вкупно 32 испитанички), речиси секоја петта (19 %) изјавила дека бременоста или грижата за мало дете создале дополнителен притисок да побараат побрз пристап до здравствена услуга, дури и доколку тоа значело давање корупција. За повеќето испитанички (53 %) овие околности не претставувале фактор што би влијаел на нивната одлуката, додека 16 % не биле сигурни, а 12 % одбиле да одговорат.
Овие резултати укажуваат дека, иако мнозинството жени не го поврзуваат родителството со зголемена подготвеност за коруптивно однесување, постои значаен дел од жените кој чувствува институционален притисок или страв дека без неформални плаќања не би можеле навремено да ја добијат потребна здравствена грижа. Ова ја нагласува ранливоста на оваа група, особено во ситуации кога здравствените услуги се перципираат како недоволно достапни или неефикасни, пишува во извештајот на ЕСЕ.
Граѓаните ретко пријавуваат корупција, зашто не им веруваат на институциите
Според наодите од истражувањето, и покрај постоењето на законска и институционална заштита, граѓаните многу ретко се одлучуваат да пријават корупција.
Недовербата во институциите, стравот од негативни последици и недостатокот од јасни и доверливи начини за пријавување ја поткопуваат ефективноста на формалните механизми. Ова укажува дека борбата против корупцијата не може да се сведе само на законски решенија, туку бара и практични мерки насочени кон јакнење на институционалната доверба, обезбедување реална поддршка и заштита за укажувачите, како и едукација на јавноста за постојните права и процедури за пријавување.
Конкретно, во однос на довербата во правниот систем и неговата способност да ги заштити пациентите кои пријавуваат корупција, речиси половина од граѓаните (49,6 %) сметаат дека системот не обезбедува соодветна заштита. Нешто помал дел (29,5 %) веруваат дека заштита постои, но само делумно, додека единствено 7,8 % имаат доверба дека пациентите навистина би биле заштитени доколку пријават коруптивно барање. Повеќе од половина од испитаниците (51,9 %) сметаат дека Министерството за здравство не презема доволно активности за спречување или намалување на корупцијата, додека 32,5 % веруваат дека се преземаат одредени, делумни мерки. Само 6,7 % од граѓаните изразиле уверување дека
Министерството за здравство навистина постапува соодветно, додека 8,9 % не знаеле или не можеле да дадат оценка, пишува во истражувањето.
Голем дел од испитаниците посочиле дека постојат големи разлики меѓу здравствените работници во однос на пристапот кон извршувањето на работните задачи и односот со пациентите. Во рамки на фокус-групите биле наведени примери во кои понудениот поткуп бил одбиен, но и ситуации во кои поткупот често се барал како услов за обезбедување на одредена здравствена услуга. Ваквите податоци укажуваат дека личниот интегритет на здравствените работници е важен предуслов за спречување на корупцијата.



